На неодамна одржаната 57 седница, советот на општина Охрид ја усвои иницијативата на советниците од ВМРО- Народна партија за одбележување на овој момент од македонската историја.
Како што објаснува советникот Јоне Станкоски, идејата е на 11- ти септември да се одржи јавна расправа со историчари кои ќе зборуваат за значењето на настанот, а на 12- ти септември да се положи свежо цвеќе во Велгошти, каде биле стрелани неколку лица и каде од страна на потомците на стреланите е подигнато спомен- обележје.
Повод за кревање на Охридското востание било потпишувањето на Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија. Ден по потпишувањето, од страна на делегација на Централниот комитет на ВМРО била побарана ревизија на договорот, до што не дошло поради што организацијата ја продолжила револуционерната борба за ослободување на Македонија. По извршените подготовки на 21 август продолжила организираната нова борба, при што востаниците под водство на војводата Петар Чаулев на 12 септември 1913 успеале да ги протераат српските војски и администрацијата од Охридско и Струшко.
Вооружените македонски чети го кренале востанието заедно со четите од албанскиот револуционерен округ. При тоа четвртиот српски полк бил заробен заедно со сите офицери.
Охридското востание било задушено по десет дневна борба со српската војска. По задушувањето на востанието, голем број охридски села биле запалени, а на Крстовден, на 27 септември биле стрелани неколкумина жители на селото Велгошти.