Под мотото „Нурни длабоко“, од 22 до 26 јули 2015 година во Струга ќе се одржи третото издание на фестивалот за процесирање култура „ДримОН“. Организатор на фестивалот е здружението на млади уметници, „ИНКА“од Струга. 

Фестивалот ќе се одржува на Летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и ќе стартува на 22-ри јули со Readymade работилница, по што ќе следува дебата и изложби на Наталија Башоска, Никола Матоски и Викторија Попоска. Првиот фестивалски ден ќе заврши со Филмската проекција „The Hip Reality Overdrive“ на Јане Алтипармаков и Концерт на PMG Kolektiv.

Во рамки на наредните фестивалски денови ќе бидат организирани работилници за изработка на текстил, промоции на книги, работилница за танц, модна работилница, претстави, предавања, видео и музичко-поетски перформанси, а во склоп на фестивалот ќе се одржи и петдневен Саем на книга и Базар на уметнички производи.

Фестивалот е еден од најкрупните проекти на младите струшки уметници, културни работници и писатели, членови на здружението „ИНКА“ кое е формирано во 2013 година во Струга. Мисијата на „ИНКА“ е да ја зајакне свеста кај граѓаните за позитивното влијаније на културата и уметноста врз колективниот квалитет на живот, да иницира креативни индустрии и културно-уметнички настани кои ќе го поттикнат економскиот одржлив развој како и регрутирање, подршка и едукација на млади креативни сили и уметници и зајакнување на нивните креативни капацитети и примена на уметноста како алатка за развој на неформалното образование и социјално вклучување на ранливи групи.

OhridNews