Владата донесе измени на Законот за приредување игри на среќа и забавни игри, со кои се создаваат услови за инвестициско вложување во воспоставување на државна интернет лотарија од страна на приватен капитал.

Како што информираше владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, со измените на законот се предвидува во формирањето на државната интернет лотарија, односно во формирањето на организацијата или субјектот на приредување на интернет игри на среќа, да може да учествува и приватен капитал, и тоа преку заеднички деловен потфат со Лотарија на Македонија, со тоа што во здружувањето, заедничкиот деловен потфат или друштвото кое ќе биде формирано за вршење на оваа дејност на интернет игри на среќа т.е интернет лотарија ќе мора да биде во доминантна државна сопственост, односно државата преку Лотарија на Македонија да има најмалку 51% од капиталот или пак од правото на одлучување, што значи приватниот капитал да биде во најголема линија до 49%.

„Со ова се остваруваат предусловите за старт на процесот за формирање на деловен пофат за приредување на интернет игри на среќа кои ќе ги приредува домашно друштво. По усвојувањето на законот во Собранието, ќе се распише меѓународен јавен повик за приватен инвеститор кој би учествувал во заедничкиот потфат“, изјави Ѓорѓиев.

„Во овој заеднички потфат државата односно Лотарија нема да вложува средства, туку ќе го вложи само правото на организација на игри на среќа, а приватниот инвеститор ќе биде должен да инвестира финансиски средства, опрема, хардвер, софтвер, кноу хау, кадар. Ќе бидат поставени високи стандарди со цел привлекување на реномиран странски партнер во оваа област. Согласно законските измени, почетокот со работа на ова друштво на здружување е во рок не подолг од една година од денот на донесување на законот во Собранието“, објасни владиниот портпарол.

„Со овој проект државата нема никакви финансиски импликации и нема трошење на средства од државниот буџет за инвестицијата, туку со формирањето и почетокот на работа на ваков субјект ќе се остварат дополнителни приходи кои би биле од интерес за граѓаните“, рече Ѓорѓиев.

OhridNews
извор:„Макфакс“