До крајот на годинава ќе се финализира идејното решение за отворање на специјализирани продавници за органска храна. Тие ќе бидат предвидени во Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2015 година, најави ресорниот земеник министер Ванчо Костадиновски по вчерашната средба во здруженијата на производители на органска храна и сертификациските тела.
-На средбата се согласивме дека идејата за отворање на специјализираните продавници за органска храна е добра во насока за промоција на продажбата на органските производи заради поорганизиран настап. Се надеваме дека до крајот на годинава ќе го финализираме идејното решение. Ќе ги финасираме делумно заедно со производителите на органска храна, а средствата ќе бидат исплаќани преку Програмата за финасиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2015 година, рече Костадиновски.
Тој очекува кампањата на Владата за здрава храна да ја поттикне продажбата на органските производи, па токму поради тоа било потребно да се преземат соодветни мерки кои за усогласување на понудата и побарувачката на пазарот, односно да се овозможи стимулирање на поголемо производство на органска храна, зголемување на бројот на оператори кои се занимаваат со нејзино производство и зголемување на приносот по култури.
Во Македонија има 400 оператори кои се занимаваат со производство на органска храна и тоа на површина од околу 3.500 хектари. Сертифицирани се 64.000 овци, 3.000 кози, 2.700 млечни крави, но сепак најголем интерес има за производство на органски мед.
OhridNews