Финансиите се провлекуваат како најголем проблем при организацијата на најголемата спортска манифестација за која годинава и терминот варира.

Претседателот Ѓорге Иванов е единствената надеж на охриѓани за спасот на годинашното издание на најголемата спортска манифестација во Македонија, Охридскиот пливачки маратон, кој треба да се одржи по 26. пат. Клупската каса е празна, а според луѓето од ПК „Охридски бранови“ ситуацијата дополнително се искомплицирала по ангажманот на агенцијата за одржување манифестации.

– Наместо да ја олеснат работата, тие уште повеќе ја искомплицираа. Средствата во висина од 260.000 денари принудени сме да ги бараме по судски пат. Доколку не ги добиеме од Пливачката федерација или со извршна постапка во пристоен рок до крајот на месецот, ние нема да имаме време да организираме маратон од светска класа – вели Никола Маленко од ПК „Охридски бранови“.

Од година на година финансиите се провлекуваат како најголем проблем за организацијата на маратонот. Ниту соработката на релација Охрид – Скопје не е на завидно ниво.

– Не можам да кажам кои се пријавени пливачи, немаме комуникации, не можам да кажам кои се спонзори, единствена надеж што ми дава дека со сигурност ќе се одржи маратонот е тоа што покровител е претседателот на државата и се надевам дека нема некој да се дрзне и да го изигра, па да дојде до меѓународен срам – смета Маленко.

Според процените на охриѓани, за организација на маратонот потребна е сума од 20.000 евра. Финансиската конструкција е направена и е испратена до кабинетот на претседателот.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазар Поповски, при неодамнешната посета на Охрид рече дека маратонот ќе се организира и дека во тоа не треба да има сомневање.

– Годинава има тешкотии поради севкупните економски проблеми со кои се соочуваме. Охридскиот пливачки маратон како најголема спортска манифестација заслужува посебен третман, но не е едноставно да се обезбедат сите средства. Ние ги правиме сите напори, формиран е тим луѓе со кои се среќаваме редовно и мислам дека оваа година ќе биде организиран како што прилега. Имавме момент околу терминот бидејќи Олимпијадата е блиску и има еден маратон што се одржува во Хрватска. Тие моменти прават поголем проблем отколку финансиите. Во секој случај тоа ќе биде организирано како што треба, во тоа не се сомневам – вели Поповски за маратонот кој треба да се одржи на 19 август.

Во почетниот календар на Светската пливачка организација првичниот датум за одржување беше 11 август. Потоа датумот се измени на 25 август, а последната верзија кога ќе почне годинашната трка, како што стои на интернет-страницата на ФИНА, е 19 август.

М.П.