-Заедничките заложби, придонесоа за создавање модерен образовен систем, кој денес е резултат на партиципирање на студентите во сите високообразовни институции, како активни учесници во иницирањето на образовните реформи во Република Македонија. И понатаму ќе се заложуваме за задоволување на потребите на студентите и нивно побрзо вклучување во севкупниот развој на државата, рече Кралев.
Како дел од заложбите за подобрување на студентскиот стандард, министерот ги спомена изградбата на комплетно нова зграда во студентскиот дом „Стив Наумов“, монтирањето на нови бараки во „Невена Георгиева Дуња“. Тој исто така го спомена и проектот на Владата за превод и печатење на книги од странски автори.
– Согласно владиниот проект за превод и печатење на книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети, министерството продолжува со дистрибуирање и промоција на 1.000 стручни, научни книги и учебници, со што им се овозомжува на студентите да ги збогатат своите знаења со најнови содржини од областите во кои се усовршуваат и надоградуваат, рече Кралев.
Тој во своето обраќање пред студентите се осврна и на измените во Законот за високо образование, како дел од сето она што се прави за поддигнување на образовното ниво на граѓаните на Република Македонија, со што таа ќе влезе во групата земји со висок процент на високо образовани кадри.