За промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија во текот на 2015 година, планирано е да се потрошат над 3,3 милиони евра или точно 203.860.000 денари.

Во годишната програма на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот околу 2,3 милиони евра односно 141 милиони денари се распределни во делот за субвенции на странскиот туристички промет, кои се наменети за туроператорите и туристичките агенции.

За подготвување, печатење и дистрибуција на промотивен материјал наменети се 4 милиони денари.

-Ќе се направи подготовка, печатење и дистрибуција на печатен промотивен материјал, 6 брошури со разни тематски содржини: „Природа и авантура“, „Традиција и настани“, „Рурални убавини“, „Лов и риболов“, „Археолошка историја и култура“ и „Вино и храна“. Тие ќе бидат испечатени на квалитетен материјал подготвен на 11 странски јазици и тоа: англиски, француски, германски, италијански, шпански, јапонски, руски, турски, бугарски, српски и албански јазик, се појаснува во Програмата за 2015 година.

Според планираното АППТ годинава ќе ја промовира Македонија на 15-тина светски туристички сами, за што ќе потроши вкупно 20 милиони денари.

-Планирано е учество на  меѓународните саеми за туризам во Утрехт, Истанбул, Брисел, Софија, Белград, Берлин, Москва, Лондон, Гетеборг, Хелсинки, Токио, Келн, Римини, Мадрид, Париз и други, согласно потребите и барањата од туристичкото стопанство и Владата на Република Македонија, се потенцира во Програмата за 2015 година.

Според плановите, 4 милиони денари ќе бидат наменети за организирање на презентации и средби со странски туроператори и организирање на денови на македонскиот туризам во странство, како и за организирање на информативни патувања во Република Македонија за странски туроператори и новинари. За билборд кампањи, реклами во печетени медиуми, електронска промоција и телевизиски кампањи во Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Косово, Франција и други земји планирани се 9,2 милиони денари.

Во делот на поддршката на туризмот и подобрување на туристичките услови, годинава е планирано да бидат реализирани 15 наменски проекти кои ќе чинат околу 400 илјади евра или вкупно 25.080.000 денари.

OhridNews