Со цел да се збогати туристичката понуда на Република Македонија од областа на културниот туризам и активностите во природа, во текот на оваа година планирано е да се реализира проект за „Обележување на препознатливи производи, локалитети, објекти и настани од значење за туризмот во Република Македонија“. Во рамки на проектните активности планирана е и изработка на печатен промотивен материјал и негово објавување на веб страната Macedonia timeless под наслов „Дали знаете“.

Ова е предвидено во рамки на Годишната програма на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2016 година, во делот на активностите за развој на туризмот.

Исто така во рамки на оваа програма предвидени се и средства за реализирање на проектот „Развој на алпинизмот и негово ставање во функција на туризмот“. Овој проект подразбира развој на рекреативен спортски туризам, преку создавање на тренинг локации за качување на карпа, алпинизам и високогорско качување. Обележување на стари и уредување на нови на тренинг локации и изработка на промотивен материјал.

Со цел да се развие руралниот и алтернативниот туризам, годинава е предвидено да се реализираат и проектите „Летање во природа”, „Планинарски патеки“, „Планински велосипедски патеки“, како и проектот за „Подобрување на условите за сместување во планинарски и ловни домови“.

Годишната програма за промоција на туризмот го вклучува и проектот за „Создавање мрежа на кластери за развој на нови туристички производи“ за развој на вински патишта и друг вид на туризам поврзан со виното и органската преработка во Република Македонија.

Исто така, годинава во рамки на проектот „Активен туризам“ во соработка со УСАИД (Агенција за меѓународен развој на САД) и АТТА (Асоцијација за активен туризам), Македонија ќе ја организира Првата регионална конференција и Самит на Балканот за активен туризам, со меѓународно учество на 300 туроператори.

OhridNews