Најпрепознатливиот белег на охридската староградска архитектура, Куќата на Робевци во текот на оваа година ќе добие реконструиран ентериер со нови и современи содржини. Според огласот за јавни набавки кој беше објавен минатата седмица, за оваа намена од Буџетот на Министерството за култура ќе бидат издвоени околу 48.000 евра или точно 3 милиони денари.
Конзерваторско – реставраторските работи и осовременувањето на ентериерот во овој музејски објект, ќе го вршат тимовите на Завод и Музеј од Охрид.
-Планирано е да биде извршено комплетно осовремување на ентериерот односно замена на старите изложбени ветрини со нови. Исто така на влезот во куќата ќе биде изведен нов пулт за продажба на влезници и сувенири. На првиот кат предвидено е да биде поставена нова етнолошка поставка за постојано разгледување, а предвидени се и помали зафати за санација на одредени простории во куќата. Во рамки на реконструкцијата, ќе биде изведен и нов санитарен јазол на првиот кат, вели Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и музеј од Охрид. Според неа, активностите за реконструкција на ентериерот ќе започнат откако ќе бидат завршени процедурите од тендерската постапка.
Паралелно со јавниот оглас за Конзерваторско – реставраторски работи во Куќата на Робевци, Завод и музеј објави и јавни огласи за реконструкција на фасадите на неколку стари охридски куќи.
-Планирано е да биде завршена шестата фаза од реконструкција на куќата на Ајри Доко. Исто така во иднина ќе започнат и градежни активности за статичко зајакнување и конзерваторско – реставраторски работи на кровот и фасадата од Куќата на Коле Котуше, а во годишната програма се предвидени и активности за конзервација на фасадата на Куќата на Маринови, Куќата на Драги Рауник и Кауќата на Димзови, појаснува Паскали Бунташеска.
Во рамки на Годишната програма на Министарството за култура, годинава ќе бидат издвоени средства за Санација и конзервација на дел од бедемските ѕидови од подградието на Самуиловата тврдина во Охрид – сектор 5. Исто така предвидено е да се извршат систематски археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Горна Порта и на археолошкиот локалитет Самуилова тврдина – Цитадела. Екипите на Завод и музеј годинава треба ја завршат и третата фаза од Конзерваторско-реставраторските работи на живописот од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга и петтата фаза од Конзерваторско-реставраторските работи на живописот од црквата „Св. Богородица Захумска“ во село Трпејца.
Е.М