Здружението на граѓани „Проактива“ од Скопје во соработка со општина Дебарца, во изминатиот месец започнаа со реализација на проектот „Енергетски ефикасна општина – 4. дел“.

Примарната цел на проектот е преземање на енергетско-ефикасни мерки со цел намалување на загадувањето на животната средина со стакленичкиот гас СО2, а конкретни цели се: „Намалување на емисијата на јаглерод двооксид од јавните објекти во општината Дебарца“,  „Намалување на трошоците за енергија во јавните објекти во општината Дебарца“ и „Теоретска и практична обука на локалното население за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија“.

Периодот на реализација е 15 месеци, додека вкупниот буџет изнесува 54.459 американски долари, од кои 24.574 се обезбедени од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а останатите се учество на општина Дебарца и ЗГ „Проактива“.

Со проектот, се очекува заштеда од околу 17 тони СО2 на годишно ниво и соодветна заштеда од 120.000 денари годишно, кои ќе бидат инвестирани во следни локални еколошки проекти.

„Предвидените енергетско-ефикасни мерки ќе опфатат промена на прозорците и вратите, како и замена на постојното осветлување со енергетско-ефикасно осветлување во објектот на ПОУ Дебарца – с. Требеништа и општинската зграда во с. Белчишта. Покрај тоа, во општина Дебарца ќе се одржат и теоретски и практични работилници и ќе се диструбуираат едукативни материјали.“  – информираат од општина Дебрца.

Инаку, ЗГ „Проактива“ започна со реализација на програмата „Енергетски ефикасна општина“ во 2006 година, а досега успешно беа спроведени проекти во општините Јегуновце, Шуто Оризари и Центар.

OhridNews