Планирано е проектот за воспоставување интегриран систем за подобрување на заштитата на здравјето на мајката и детето, познат уште како ОРИО проект, да се реализира во две фази. Првата фаза ќе трае шест месеци кога ќе се направи детална анализа на сите породилишта, патронажни служби и центри за имунизација, а во втората фаза, која ќе трае 2,5 година, предвидена е неговата имплементација.
Со имплементацијата се очекува целосно реновирање и опремување на сите породилишта во државата, набавка на 75 теренски возила за патронажната служба и центрите за имунизација, обновување на опремата за чување и транспорт на вакцини и набавка на медицинска опрема за патронажните центри и центрите за имунизација.
Договорот за реализација на проектот денеска го потпишаа министерот за здравство Никола Тодоров и холандската амбасадорка Мариет Шурман.