Единаесет века стариот чинар во центарот на Охрид, кој според преданијата го засадил Св. Климент Охридски, наскоро ќе биде ревитализиран и заштитен. Ова дрво од видот „Platanus Orientalis“ е во многу лоша состојба, поради што експертите се крајно внимателни во прогнозите како и колкав дел ќе може да се заштити. Тоа ќе се знае по отстранување на шиндрата поставена во 2002 година по оштетувањата кои ги претрпе чинарот во снежното невреме што тогаш го зафати Охрид, решение кое според експертите не соодветстува со потребите и прави поголема штета на чинарот.


Шиндрата е несоодветна заштита за чинарот велат експертите

-Наша цел ќе биде заштита на стеблото, но не по секое цена, тоа ќе оди сразмерно со неговата загрозеност. Можеби дел само од стеблото ќе остане и ќе се заштити заради неговото значење, но ќе се преземат мерки за насадување на друго такво стебло, затоа што целата историја, култура и традиција на Охрид се врзува за тој чинар. – изјави Менка Спировска од Друштвото за еколошки консалтинг „Деконс Ема“.


Стариот Чинар во Охрид

Покрај стариот чинар во охридската чаршија, со проектот на Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид, се предвидува ревитализација на уште шест други чинари и на познатиот кочеџик кај црквата Св. Богородица Перивлепта.

–Овие стебла беа прогласени за природно наследство според стариот закон од 1973 година и требаше да се отпочне нова постапка за нивно препрогласување, односно да се стават во законска рамка според постоечкиот Закон за заштита на природата. – изјави Томе Џамтоски, портпарол на Општина Охрид.


Кочеџикот кај црквата Св. Богородица Перивлепта

Проектот за заштита на чинарите во Охрид ќе го реализира Друштвото за еколошки консалтинг Деконсема од Скопје, чии тимови деновиве ќе отпочнат со скенирање на состојбата на секое стебло поединечно. Покрај степенот на загрозеност, предвид ќе биде земено и културно историското значење на секое дрво, а извештајот треба да им помогне на надлежните институции да донесат одлука кое стебло понатаму е вредно да биде ревитализирано и заштитено со закон.

Г.М.