Набрзо ќе започне санацијата на оштетениот бедем на познатата летна сцена Долни сарај, најави Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.

-Поради староста на малтерот често доаѓа до одрон на делови од ѕидините кои се надвиснати над Охридското Езеро, што претставува опасност за минувачите кои се движат по патеката која го спојува градот со населбата Канео.-изјави Тања Паскали Бунташеска, директор на охридскиот Завод и Музеј.

Проектот е изработен уште пред три години, а министерството за култура годинава обезбеди средства за реализација која, како што најави Паскали Бунташеска, ќе се одвива во две фази.

– Оваа година ќе бидат пломбирани сите оштетени делови од ѕидот, ќе се изврши промена на дотраените дрвени појаси и ќе биде исфугиран целиод ѕид, со цел да се спречат несакани последици, односно камењата кои постојани паѓаат да повредат некој од минувачите. – истакна директорката на Завод и Музеј Охрид.

Во втората фаза која е предвидено да се реализира следната година, ќе се санираат скалите кои ја поврзуваат сцената Долни сарај со езерскиот брег.

На тендерот за изведба на градежните работи се пријавиле две фирми, „Бокоп“ од струшко Бороец и „Симпрекс“ од Скопје, а која од нив ќе го санира оштетениот бедем на Долни Сарај ќе се знае по електронското наддавање што ќе се одржи неделава.

Инаку овој историски локалитет за време на Отоманската империја претставувал летен сарај на султанот, додека бедемите околу него датираат од постар период. Денес тој е летна сцена на која се одржуваат фестивали, концерти и други културни настани.

Горан Момироски