Со средства од министерството за култура ќе се врши реставрација на стари охридски куќи кои се под заштита на Завод и музеј- Охрид.


Како што информира директорката на оваа установа, Тања Паскали- Бунташеска, од буџетот на министерството за годинава се издвоени средства за санација на три куќи во приватна сопственост во централното градско подрачје. Станува збор за куќата на фамилијата Бојаџиеви, куќата на Ајри Доко, која се наоѓа во близина на ресторанот Антико и куќата на фамилијата Ѓурчинови, која се наоѓа на самиот кеј на езерото.

Извршени се анализи на моменталната состојба во која се наоѓаат објектите, кои се зафати се потребни да се извршат врз нив, а изработени се и проектите врз кои тие ќе се реализираат.

Врз куќата на фамилијата Бојаџиеви градежните зафати се веќе започнати и во тек е санација на кровот на објектот.
Паскали- Бунташеска објаснува дека ваквите зафати се превземаат со цел да се заштитат куќите кои се дел од стариот препознатлив охридски стил на архитектура.

OhridNews