Како што денес изјави министерот за економија, Ваљон Сарачини, Владата за поддршка и развој на македонското занаетчиство предвидува до 5.000 евра, односно 300.000 денари субвенции за набавка на опрема, алат и стручно усовршување.

Со средствата ќе се кофинансираат 75 отсто од трошоците на занаетчиите направени од 1 јануари до 1 ноември 2012 година.

Постапката за добивање субвенции е едноставна и не е потребно пишување и креирање проекти. Единствен услов е оној што аплицира  да биде регистриран согласно Законот за вршење занаетчиска дејност и да има почнато со вршење на дејноста најмалку шест месеци пред објавување на повикот. Заинтересираните ќе треба да достават барање до Министерството, доказ за направени трошоци и потврда за посета на обука или семинар кој овозможил стручно усовршување.

Јавниот повик за субвенционирање  занаетчии е објавен на 22 јуни годинава.

OhridNews