Министерството за внатрешни работи ќе ги проверува 2.500-те сим картички коишто ги заплени, по колку пати и за кој изведувач на „Скопскиот фестивал“ се гласало за да се утврди дали организираното гласање влијаело на изборот за песна на Евровизија и дали тие гласови биле давани за изведувачите кои ги освоија првите три места на овој фестивал, јавува „Макфакс“.

Дали осомничените успеале во нивната намера да ги поделат парите кои се доделуваат на скопскиот фестивал, допрва ќе се утврдува.

Сопственик на продукциска куќа и неговиот брат, автор и композитор на песни и сопственикот на фирмата која го организираше телефонското гласање се осомничени дека организирале поголема група на малолетници да испраќаат СМС пораки за да влијаат на изборот на првите три места на фестивалот. Ќе се утврдува дали има и други инволвирани и дали осомничените влијаеле на реузлтати на други фестивали.

Засега нема приведено ниеден од изведувачите на фестивалот, а неофицијално изведувачите за кои организирано се гласало, се договориле со осомничените да им ги дадат парите, ако освојат некоја од првите три награди на фестивалот, а тие за возврат да им снимат песна или спот.

„Четворицата првоосомничени се појавуваат во својство на организатори на криминалните активности и по претходен договор со лица вработени во мобилните телефонски оператори, купувале поголема количина мобилни телефонски апарати и СИМ-картички од трите мобилни оператори, кои што картички биле заведени на име ТЕСТ или на непостоечки лица со една или две измислени адреси (ул.„Беровска“ и „Партизанска“ ББ). Картичките биле активирани и подготвувани од вкупно четири ИМЕИ односно ги отстранувале безбедносните ПИН и ПУК кодови на набавените СИМ картички сè со цел за нивно поедноставно користење за самото гласање“, изјави помошник министерот за внатрешни работи, Иво Котевски.

Лице од фирмата која го спроведувала телефонското гласање и обработката на пристигнатите СМС пораки од гласањето, било ангажирано да дава инструкции на малолетниците, кои биле задолжени да гласаат, за текот на резултатите од гласањето, односно на кого од договорените изведувачи му требаат гласови.

Според тие инструкции тие давале три гласа за договорениот изведувач кој требало да освои прво место, два гласа за оној кој требало да освои второ место и еден глас за оној кој требало да освои трето место.

Првото место на фестивалот го освои Даниел Кајмакоски и доби 20.000 евра, второто место го освои Тамара Тодевска и доби 15.000 евра, а третото место и припадна на Евгенија Чанчалова и доби 10.000 евра. За наградите на фестивалот се обезбедени вкупно 45.000 евра од Министерството за култура.

Засега не е утврдена никаква одговорност кај организаторот на Скопскиот фестивал, Македонската радио телевизија и нема индиции дека знаела за криминалот, ниту, пак, влијаела на било кој начин во однос на изборот на најдобар изведувач.

OhridNews
извор:„Макфакс“

ВИДЕО: Даниел Кајмакоски ќе ја претставува Македонија на Евросонг 2015