Министерството за образование и наука најави проект за воведување највисоки стандарди за чистота во тоалетите во основните и средните училишта. Ќе опфати нивно целосно реновирање и адаптирање, замена на санитарните јазли и опременост со хигиенски средства.

– Крајна цел на проектот е во секој тоалет во иднина да се воведат највисоки стандарди за хигиена, што ќе подразбира да има течен сапун, апарат и тоалетна хартија, канти за отпадоци, сензори, евиденција, број фреквенција на деца кои го употребуваат тоалетот и дополнителна опрема за лицата што се грижат за хигиената во училиштата, рече министерот Панче Кралев на вчерашната прес-конференција.

МОН наредниот месец ќе спроведе детално истражување и анкета за состојбата и потребите на секое училиште, па ќе подготви стандарди и нов систем за хигиена во училиштата. За таа цел ќе соработува со инспекторатите за здравство и за санитарна инспекција. Училиштата што ќе ги воведат највисоките норми ќе бидат наградени од МОН.

На почетокот проектот ќе се финансира со дел од 40-те милиони евра заем од Советот на Европа наменети за реконструкција на училиштата, кои треба да се искористат до крајот на следната година. Потоа во финансирањето на проектот ќе се вклучат и општините и установи – пријатели на оваа иницијатива.

Приоритет на МОН идната година ќе бидат и училишните мензи и воведување препораки и правила за квалитетна и разновидна исхрана на учениците, оброци со застапеност на потребните витамини, калории…, а т.н. родителска полиција ќе го контролира квалитетот на храната што ја произведуваат и доставуваат компаниите.

Во подалечна иднина, рече Кралев, ќе има и стандардизација на осветлувањето, акустиката и енергетската ефикасност во училниците.

OhridNews