Охриѓани кои поседуваат и секојдневно ги користат своите моторни возила за превоз низ градот, од средината на идниот месец ќе треба да соoбраќаат  еднонасочно по уште десетина охридски улици. Ова го предвидува Новиот режим за сообраќај на дел од територијата на општината, кој треба да биде усвоен на денешната седница на Советот на Општина Охрид.

Покрај постоечките еднонасочни улици кои беа определени и со одлуката за сообраќаен режим, која беше донесена лани во јуни, во идина  еднонасочно ќе се вози и по  дел од улицата “Абас Емин“ од пресекот на оваа улица со “Булевар Туристичка“ до пресекот со улицата “Гоце Делчев“ како и по улицата “Пирин Планина“ од пресекот на оваа улица со улицата “Абас Емин“ па се до пресекот со улицата “Гоце Делчев“.


Од Секторот за сообраќај при Општина Охрид појаснуваат дека новина во новиот режим на сообраќај е тоа што за еднонасочна улица се прогласува и улицата  “Мите Богоески“ од пресекот на оваа улица со улицата “Димитар Влахов“ па се до пресекот со улицата “Даме Груев“ гледано во насока према улица “Даме Груев“, која е во непосредна близина на Општинската зграда и Економското училиште. Во иднина еднонасочни ќе бидат и улицата “Кеј Маршал Тито“ од пресекот на оваа улица со улицата “Јане Сандански“ па се до пресекот на оваа улица со улицата “Асном“ , како и улицата „Спас Банџов“ од пресекот со ул.„Кеј Маршал Тито“ во насока према ул.„Партизанска“.

Моторните возила во наредниот период ќе треба да сообраќаат еднонасочно и по улицата „8 Септември“ од пресекот со ул.„Сирма Војвода“ во насока према ул.„Никола Карев“ ; по улицата „Лазо Трпоски“ од пресекот со ул.„Никола Карев“ во насока према ул.„Сирма Војвода“ ; по улицата „Галичица“ од пресекот со ул.„Јане Сандански“ во насока према ул.„Лазо Трпоски“ ; по улицата „Ванчо Питошески“ од пресекот со ул.„Лазо Трпоски“ во насока према ул.„Јане Сандански“ ; по улицата „Мирче Ацев“ од пресекот со ул.„Јане Сандански“ во насока према ул.„Лазо Трпоски“, како и по улицата „Карпош Војвода“ од пресекот со ул.„Лазо Трпоски“ во насока према ул.„Јане Сандански“.


-Улицата “Кирил и Методи“ во насока према Горна Порта,  во временски интервал од 20  часот до 5  часот секој ден, ќе има  еднонасочен сообраќај. На Плоштадот „Св.Климент Охридски“ , на дел од ул.„Коста Абраш“, од самиот кружен тек па се до зградата на Капетанија, во временскиот интервал од 20 часот до 5 часот се забранува секаков вид на моторен сообраќај, при  што целиот овој простор ќе се користи како пешачка зона поврзана со чаршијата и пешачката патека која ќе се протега на крајната десна страна од улицата “Кеј Маршал Тито“ до самиот парк.   На улиците „Коста Абраш”, „Цар Самоил“ и „Илинденска„ секој ден додека трае предложениот режим на сообраќај во време од 20 часот до 5 часот се забранува секакво движење на моторни возила , a секој ден во период од 5 часот до 20 часот, овие улици се просгласуваат како   „Зони на смирен сообраќај“ при што брзината на движење се ограничува на брзина на движење на пешаци, велат од Секторот за сообраќај при општина Охрид.

Оттаму појаснуваат дека во стариот дел од градот и тоа од „Горна Порта“ и на влезот од улицата “Аргир Маринчев“  ќе можат да сообраќаат само моторни возила  со специјални пропусници и налепници, како и такси возилата. На наведениот простор, со исклучок може да се движат специјални комунални возила, возила на МВР, АРМ, санитетски возила, погребни возила, ППЗ возила.
   
Според предвиденото, одлуката за новиот сообраќаен режим, која освен движењето по улците го определува и паркинг просторот и велосипедските патеки, најверојатно  ќе се  применува од 11 јуни 2012 година.

Инаку  во фазата на подготовка на новиот  Сообраќаен режим  на улиците во Охрид, освен претставници на општината учествувале и претставници на СВР Охрид и стручни лица од областа на сообраќајот.

OhridNews