Околу 4000 невработени граѓани на Република Македонија ќе добијат сезонска работа во општините низ земјава. Тие ќе бидат ангажирани за извршување на јавни работи, за одржување на хигиената и зелените површини. 2000 од нив ќе бидат ангажирани од Владата и плата ќе добијат од буџетот на Република Македонија, додека пак останатите ќе бидат исплаќани од општините.
Оваа мерка е една од 12-те нови, кои беа презентирани од премиерот Никола Груевски минатиот викенд.
Според планираното проектот ќе стартува летово и ќе трае шест месеци. За тој период на работниците ќе им се исплаќа по 7700 денари месечно, а ќе им биде платено и осигурување во случај на повреда. Заинтересираните лица ќе конкурираат по објавување на јавен повик. Предност ќе имаат лицата кои се невработени подолг период како и лица на возраст од над 55 години.
Владата за оваа мерка има обезбедено 1,5 милиони евра.












