Со средства од Европската банка за обнова и развој и сопствени средства на Македонскиот систем за воздухопловна навигација М-НАВ а.д Скопје, ќе се врши надградба на постоечкиот радар на охридскиот аеродром Свети Апостол Павле.

Договорот за кредитот од ЕБОР, со чии средства ќе се надградува со нова опрема  Македонскиот систем за воздухопловна навигација М-НАВ , денес го потпишаа извршниот директор на М-НАВ Николет Тагарински и Сју Барет, директор на транспортниот тим на ЕБОР, во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

За набавка на новата опрема се обезбедени 16 милиони и 150 илјади евра. Од нив 11.150.000 евра се од кредитот од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а со 5 милиони евра сопствени средства учествува М-НАВ. За потребите на проектот ЕБОР ќе обезбеди и грант за техничка соработка во вкупен износ од 600.000 евра.

Проектот претставува прв кредит без државна гаранција одобрен од ЕБОР за транспортниот сектор, наменет за хармонизација на македонската воздухопловна навигација со заедничкиот европски воздухопловен сектор. Со кредитот, освен надградба на радарот на охридскиот аеродром, ќе се врши набавка и инсталација на нов систем за контрола на летање, што ќе треба да биде подготвен да опслужува и до 2.500 прелети дневно и 280.000 на годишно ниво до 2028 година, систем за говорна комуникација, за радиопредаватели, дигитален систем за снимање на говорната комуникација  во контролата на летање, нов радар кај скопскиот аеродором.