Министерството за култура ќе врши откуп на самостојно реализирани публикации-први изданија, во согласност со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година.

Јавниот конкурс кој беше објавен деновиве има за цел да го стимулира книжевното творештво од домашни автори и да го збогати библиотечниот фонд во Република Македонија со публикации од областа на културата и уметноста.

-Министерството за култура приоритет ќе даде на: оригинални авторски дела со културно-уметничка содржина од авторите од Република Македонија,  пишувани на македонски јазик и на јазиците на заедниците; публикации наменети за деца и млади  (поезија и проза) и публикации наменети за лицата со посебни потреби. Од понудените печатени публикации ќе се откупуваат најмногу до 100 примероци, а од електронските изданија најмногу до 30 примероци. Ќе се разгледуваат само самостојно реализирани публикации кои се издадени во наведениот период и публикации кои не се претходно откупени, пишува во јавниот конкурс.

На Конкурсот кој ќе трае заклучно со 18-ти ноември 2014 година може да учествуваат: правни лица регистрирани во Република Македонија кои се издавачи на понудената публикација; автори кои самостојно ја издале публикацијата и автори кои ќе приложат писмено известување од издавачот дека им е отстапен дел од тиражот како надомест за авторски труд.

За учество на Конкурсот, електронски се пополнува пријавата која може да се преземе од веб-локацијата на Министерството за култура.

OhridNews