Тренерот на фудбалерите на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, рекол дека Анхел ди Марија изразил желба да си замине од клубот, додека Сами Кедира одбил да го продолжи договорот.

Аргентинецот Ди Марија и Германецот Кедира ги загубија своите места во стартниот тим на Реал по пристигнувањето на Хамес Родригез и Тони Крос.

„Ди Марија побара да си замине во овој преоден рок, тој ја одби понудата да остане во Мадрид. Ќе најдеме решение за него до крајот на преодниот рок. Што се однесува до Кедира, неговиот договор истекува за една година, но за разлика од Ди Марија тој не изрази желба да замине“, рекол Анчелоти.

Аргентинскиот репрезентативец, Анхел ди Марија, кој во минатата сезона беше еден од најдобрите играчи на Реал, во овој преоден рок најчесто беше поврзуван со трансфер во Манчестер Јунајтед.

„Доколку Ди Марија не ја реши својата иднина, тогаш ќе продолжи да работи тука во Реал, ние немаме проблем со тоа, со задоволство ќе го прифатиме“, дополнил Анчелоти.

Италијанскиот стратег на прес-конференцијата информирал дека повредата на Кристијано Роналдо не е сериозна и дека тој ќе биде во почетниот состав на реванш мечот со Атлетико, кој се игра во рамките на Суперкупот на Шпанија.

 

„Макфакс“