Британскиот милијардер Ричард Бренсон, чичко на новопечениот сопруг на актерката Кејт Винслет, му подарил на парот необичен свадбен подарок, патување во вселената. Винслет, која неодамна во Њујорк тајно се венчала за Нед Рокенрол ќе има можност медениот месец да го мине меѓу ѕвездите.
Според медиумите, тие ќе се вивнат во вселената следната година со Вирџин Галктик, и потсетиле дека ова патување чини околу 200 илјади долари. Ѕвездата на „Титаник“ и нејзиниот сопруг ќе искусат безтежинска состојба во летало кое ќе ги одведе на 60 километри од Земјата, а некои од сопатниците ќе им бидат Ештон Качер и Расел Бренд.