Германскиот весник „Келн штадт анцајгер“ објави напис насловен „Детективот на најстарото езеро во Европа“, посветен на Охридското Езеро и на истражувањата што минатата година беа спроведени во рамки на проектот за утврдување на неговата старост и климатските промени низ времето. Авторот на текстот пренесува изјави и цитати, импресии на експертот Бернд Вагнер, кој беше дел од експедицијата составена од експерти по геологија и минерологија од Унверзитетот во Келн, кој меѓу другото вели дека се работи за најстарото езеро на континентот, старо повеќе од милион години.

Вагнер вели дека постојат многу малку езера во светот што се постари од милион години. Тој наведува дека Охридското Езеро меѓу другото е посебно поради постоењето над 200 животински и растителни видови, ендемски видови присутни само во тоа езеро и никаде на друго место во светот.

– Целта на експедицијата беше да запознаеме со точната старост на езерото и да се научи нешто повеќе за неговото потекло, за тоа како дошло до толку необичен биодиверзитет, потоа дали климатските промени водат кон исчезнување на постојните видови организми и слично, вели меѓу другото експертот Вагнер.

За текот на реализацијата на проектот, Вагнер раскажува дека започнал во април минатата година и се спроведувал во смени на пловечка платформа, составена од осум 40-метарски контејнери.

– Бевме сместени во хотел на источниот брег на езерото и секој ден со мал брод пловевме до платформата на средината на езерото. Со специјална дупчалка, ископавме седименти на длабочина од 569 метри под дното на езерото, се сеќава Вагнер, наведувајќи дека истражувањето се одвивало според предвиденото, освен неколкуте дена на самиот почеток кога поради лоши временски услови морале останат во хотелот.

Што се однесува на анализите на земените примероци од седиментот на Охридското Езеро на Институтот во Келн, во текстот се наведува дека во тек е проценката. Работата се одвива така што секое извлечено јадро од седиментот се дели на делови од по пет до десет метри, и секој негов дел се обработува, фотографира, документира. Според геологот Вагнер, во првите анализи на материјалот можат да се најдат остатоци на мали животни и минерали, од кои ќе се извлечат заклучоци за состојбата во животната средина во одреден временски период.

– Тој зеленкаст талог, секоја карактеристична негова промена, претставува богата ризница на информации. Од геолошки аспект, тука се архивирани податоци за вулканска активност што се случувала милион години пред нас, додава експертот.

Самата анализа на сите земени примероци седимент се очекува да трае до две години, по што сите информации ќе бидат објавени во спесијализирано природно-научно списание.

– Но, она што можеме веќе со сигурност да го кажеме дека Охридското Езеро е помладо отколку што се мислеше. Нашите проценки се дека неговата старост е некаде меѓу 1,3 до 1,8 милиони години. Но, мора да се нагласи дека секако тоа претставува референца за комперативна анализа и верификација на климатските модели, убеден е професорот Вагнер.

OhridNews