Новинарот на весникот „Нова Македонија”, Томилав Кежаровски, е осуден на четири години и шест месеци затвор, за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше”. Судијата му го продолжи притворот на Кежаровски до правосилноста на пресудата, иако новинарот низ солзи побара да биде ослободен од притвор бидејќи условите таму биле неподносливи.

Судијата во случајот „Ореше”, Илија Танев, е осуден на 2 години и 6 месеци затвор, истражниот судија Валентин Зафиров на 5,5 години затвор, обвинителот Ивица Ефремов на четири години и шест месеци затвор.Сите се обвинети за злоупотреба на службената положба и за незаконско посредување.Врховниот судија во пензија Борис Николовски и сопственикот на локалот „Романтик”, Сашко Лазаров, осудени се на една година затвор, а Јане Павловски – Тица и Сабедин Џини Хофман осудени се на една година и шест месеци затвор.Последните четворица се пуштени од притвор.

Пресудата за новинарот на весникот „Нова Македонија” доаѓа по многубројните повици за неговото ослободување од повеќе новинарски организации и претставници за граѓанскиот сектор. Пред да биде осуден, Кежаровски на рочиштата порача дека никогаш не загрозил нечиј живот, туку дека само ја извршувал својата новинарска работа. Во однос на откривањето на идентитетот на заштитениот сведок, Кежаровски неколку пати изјави дека тој е жртва и колатерална штета за да се сокрие самооткривањето на сведокот.

Во судскиот процес за случајот „Ликвидација”, во кој еден од осумте обвинети е и новинарот Томислав Кежаровски, на обвинителната клупа седнаа уште седум лица, меѓу кои судии, јавен обвинител и адвокат.Обвинетите се товарат за примање поткуп, злоупотреба на службена должност, неовластено откривање на сведоци, недозволиво поседување оружје и друго. Кежаровски беше приведен поради текст објавен пред пет години во кој го открил идентитетот на заштитен сведок.

Акцијата „Ликвидација” се подготвувала со години, соопшти МВР. Случајот е поврзан со убиството на Лазар Милошевски (74) во 2005 година во велешкото село Ореше.
 
Осомничени за убиството беа браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски, а како нарачател се спомнуваше Ѓоре Петровски, Македонец што живее во САД.
 
Во март годинава, тројцата обвинети беа ослободени од вина.

OhridNews

извор: Макфакс