Фудбалерите на Охрид и Кораб ги поделија бодовите во 12-та рунда од Втората македонска фудбалска лига-запад ремизирајќи 1-1 (1-0) на СРЦ „Билјанини Извори“.

Охридските фудбалери иако имаа водство не успеаја да го задржат и со победа да им го честитаат јубилејниот 30-ти роденде на „Рибари“.

Теренската иницијатива на стартот од натпреварот, избраниците на Гоце Толески ја капитализираа со водечкиот погодок. Офанзивецот Никола Секулоски прими топка во казнетиот простор и ја сврти до Симон Маркоски, кој ја затресе мрежата за водство.

Кораб брзо се опорави и почна да го загрозува охридскиот гол. Во неколку наврати добро интервенираше голманот Даниел Котески, кој беше на вистинското место. Резултатот до крајот на полувремето остана не променет и Охрид замина со гол предност.

На стартот од второто полувреме Кораб ја презеде играта. Гостите од Дебар створија неколку прилики но охридската одбрана не потклекна. Кога домаќините се ослободија, гостите после катастрофалната голманска грешка го изедначија резултатот.

Охриѓани не се обесхрабија и тргнаа по бодовите. Најблиску до погодок охридските фудбалери беа во 88-та минута кога ударот на Љупче Трпески на самата гол линија го блокираше Бурим Алиев.

Со освоениот бод, Охрид се изедначи со Кадино на дното на табелата но пропушти добра прилика во самиот финиш од сезоната да фати ритам во борбата за второлигашки опстанок.

Мх.П.