11.5 километри долги рибарски мрежи се извадени од дното на Охридското езеро во спроведена акција на нуркачите и охридскиот Хидробиолошки институт, што се реализира во рамки на трансграничниот проект за заштита и искористување на биодиврзитетот на Охридско, Преспанско и Скадарско Езеро. Должината на извлечените мрежи, кои со години се наоѓале во езерските длабочини, е соодветна на попречното растојание меѓу македонскиот и албанскиот брег.
– По барање на Хидробиолошкиот институт ги детектиравме местата со заостанат мрежен алат-рибарски мрежи и ги вадевме каде што беа во поголеми количини. Особено проблематично беше на оние места каде имаше по неколку километри мрежи на големи длабочини и моравме да ги извадиме со помош на лифтови и бродот кој е во сопственост на институтот. За жал, можам да кажам дека во езерото има многу места каде овие мрежи прават огромни проблеми, рибите се зафаќаат и изумираат под вода, а голема штета предизвикуваат на локациите каде рибата се мрести. Во рамки на можностите ќе продолжиме со ваквите активности, вели Милутин Секулоски од нуркачкиот центар „Амфора“.
Заловувањето на рибите со ваквите изгубени мрежи дополнително ја влошува состојбата на рибниот фонд во езерото која е повеќе од алармантна.
– Тешко може да се каже каква е точно состојбата со пастрмката и белвицата. Недостигаат голем број истражувања, за што настојуваме да обезбедиме поддршка на национално и регионално ниво, но и странско учество. Без соодветни истражувања, секоја понатамошна проценка е погрешна, вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошки институт Охрид.
И покрај бројните иницијативи за усогласување на законските регулативи од албанска и македонска страна, во однос на изловувањето на рибата од Охридското езеро, конкретен позитивен резултат засега нема. Според официјалните податоци, во периодот од 2010 до 2014 година, на албанската страна биле изловени околу 50 тони охридска пастрмка, а на македонска страна од 2012 до 2016 година, помалку од еден тон.
Научните работници од двете страни на езерото се децидни-усогласување на регулативата мора да има што поскоро.
– И од страна на надлежното министерство во Албанија е увидена ваквата потреба, дека само со соработка со македонската страна може да се најде решение за проблемот. Мора да соработуваат инспекциските служби, да се редуцира бројот на лиценцирани рибари, особено на албанската страна и со заеднички договор да се врши порибување на езерото. Македонскиот и албанскиот закон за рибарство мора да е унифициран, нагласува Фадиљ Љута од министерството за земјоделство на Република Албанија.
За состојбата со рибниот фонд во езерото, денес, во Охрид разговараа стручни лица од Македонија и Албанија. При тоа, беа дадени мерки и препораки за ревизија на постоечките планови и заштита и искористување на рибите во Албанија и Македонија, како и насоки за изработка на интегриран план за управување со Охридското езеро во однос на рибите, рибарството и рибната фауна.
OhridNews
















