Патните правци Кичево- Охрид и Охрид- Свети Наум ќе се градат со користење на кредитни линии, во соработка со кинеската „Експорт Импорт Банка“, најави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески .

Како што објасни министерот, владата се одлучила за алтернативен извор на финансирање на изградбата на овие патни правци затоа што за изградба по пат на концесија немало интерес од страна на компаниите. На овој начин ќе се финансира и изградбата на патните правци Миладиновци – Штип, Штип – Кочани.

–    Во текот на изминатиот период остварени се средби со повеќе заинтересирани компании кои искажаа сериозен интерес за учество во проектот. Амбасадорот на Република Македонија во Народна Република Кина, Оливер Шамбевски го потпиша взаемно усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија и Експорт Импорт Банката на Народна Република Кина. Очекуваме наскоро да ги комплетираме процедурите и во првиот квартал на 2013 година да започнат градежните активности на делницата Миладиновци – Штип, за која и веќе е изработена целокупната документација, изјави Јанакиески.

Согласно заклучок на Владата на Република Македонија, во текот на месец октомври 2012 година потпишан бил  договор за давање на консултантски услуги со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), која е ангажирана како финансиски трансакциски консултант за изградба, одржување и наплата на патарина на делницата Гостивар – Кичево и одржување и наплата на патарина на делницата Скопје – Гостивар. Според договорот, консултантот ќе има задача да обезбеди консултантски услуги и изработка на студии и анализи, а исто така до Владата на Република Македонија да предложи финансиски модел и мерки на имплементација на проектот за концесија на патните правци. Ангажманот на консултантот ќе биде се до моментот кога Владата ќе потпише договор со потенцијалниот најповолен понудувач.

OhridNews