
Кинескиот календар датира од околу 2600 година п.н.е и е базиран на астрономски набљудувања на движењето на Месечината и на Сонцето.

Постои дилема околу сметањето на годините од кинескиот календар. Според традиционалното народно верување, времето почнало да се мери од 2698 година п.н.е што значи дека во 2007 година Кинезите ја прославуваат нивната 4705 година – година на свињата. Други историски сознанија укажуваат дека почетокот на кинескиот календар датира од 2637 п.н.е, така што годинава треба да настапи е 4644-ва.
Новогодишните празнувања траат 15 дена и завршуваат со т.н. Фестивал на лампиони. Прославата традиционално е проследена со религиозни церемонии во кои им се одава почит на Земјата и на Небото, на домашните богови и на предците. Новата година Кинезите ја пречекуваат на семејна трпеза. Целата куќа мора да биде исчистена пред новогодишните празници, кога од домот се отстрануваат сите метли, четки и други средства за чистење. Чистењето за време на Новата година се избегнува поради верувањето дека со тоа ќе биде исчистена среќата на семејството.
новогодишно среќно колаче од грав
Пред Новата година треба да бидат исплатени старите долгови, а на самиот ден ниту се бара, ниту се дава заем. Секој се труди да не изговори лоши зборови поради верувањето дека тоа носи лоша среќа, а спомнувањето на смртта или на духовите е табу. Кинезите веруваат дека ако некој плаче за Нова година, ќе плаче цела година, и затоа на новогодишната ноќ децата се толерираат максимално.
Огнометите се традиција во прославувањето на Новогодишната ноќ, кога, според кинеските обичаи, вратите и прозоците треба да се остават отворени за старата година да може да си замине.
МИА
					





							






