Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер продолжи со концерт на уметници од Кина кои на публиката и приредија незаборавна ноќ.


Во црквата „Света Софија“ настапија флејтистите Јуе Гуангхуи и Веи Ванг, пијанистката Хоу Јуан, како и лирскиот мецосопран Аи Ву.

На репертоарот беа дела од кинески и француски композитори: Габриел Форе, Морис Равел, Камиј Сен-Санс, Филип Гобер, Клод Дебиси, Жорж Енеску, Франсоа Доплер, Жорж Бизе/Ф. Борне, Венченг Лу, Жонгронг Луо, Јонџин Ванг и Ге Тиан.

Кинеските уметници со внимателно избраниот репертоар и со своето музицирањесоздадоа посебна емоција за фестивалската публика.

Флејтиската Јуе Гуангхуи започнува да учи пијано на четиригодишна возраст, а на десетгодишна возраст се префрла на изучување на инструментот флејта. Во моментот сè уште е ученичка во Гимназијата за талентирани ученици при програмата на Музичкиот конзерваториум во Шангај во класата на проф. Парк Ми-Хјанг.

Веи Ванг дипломира на одделот за флејта на Централниот музички конзерваториум во Пекинг. Во 2000 година се закитува со прва награда на Националниот кинески натпревар за флејтисти и потоа станува член на Кинескиот национален симфониски оркестар. Во 2002 година заминува во Франција каде ги продолжува студиите и во 2005 година победува на натпреварот „Париз Белан“, а следната година со прва награда се здобива и на Меѓународниот натпревар во Бенидорм, Шпанија.

Како солист Веи Ванг е поканет да настапи во салата на УНЕСКО во Париз, а од 2013 до 2025 година редовно настапува на Мултикултурниот фестивал на УНЕСКО. Во 2014 година на прославата на 50-годишнината од дипломатските односи помеѓу Кина и Франција е поканет да настапи заедно со францускиот флејтист Максенс Ларио. Настапува на азиската вечер во рамките на Канскиот филмски фестивал, а во периодот од 2016 до 2025 година редовно настапува како солист на Интернационалниот фестивал за харфа заедно со францускиот флејтист Филип Бернол и харфистот Беноа Вери. Во 2019 година е член на жири-комисијата на првиот Меѓународен натпревар за флејтисти. Во 2023 год. тој е вклучен како композитор и солист на прославата на 35-годишнината на проектот „Патот на свилата“ на УНЕСКО, а е и уметнички директор на кинеската програма.

-Многу се радувам што свирам тука, првпат на овој фестивал, и тоа на Кинеска вечер. Свиревме кинески и француски дела бидејќи живеам веќе 22 години во Париз каде што сум професор. Акустиката во црквата „Света Софија“ е преубава, а исто така имате и прекрасно езеро во Охрид, рече флејтистот Ванг кој е чест гостин предавач на конзерваториумите и универзитетите во Кина.

Веи Ванг од 2019 година е професор на Академијата „Рахмањинов“ во Париз, а одржува и бројни мајсторски курсеви по флејта.


Аи Ву е лирска мецосопранистка која живее и работи во Франција. Дипломира и магистрира на Шангајскиот конзерваториум, а потоа со највисоки оценки се здобива со висока диплома од Високата школа за музика на Парискиот конзерваториум каде студира во класата на проф. Изабел Грасизанц. Добитничка е на бројни меѓународни награди и признанија кои ги вклучуваат првата награда на Интернационалниот натпревар за пејачи во Париз, Францускиот натпревар за барокна вокална музика, натпреварот во Безие, како и на Натпреварот за француска уметничка соло вокална музика.Во последните години Аи Ву се посветува на делата од барокниот репертоар, често настапувајќи со ансамблот „Матеус“. Забележителна е нејзината работа за продлабочување на културните врски помеѓу Франција и Кина. Дејствува како претседател на Француското здружение за меѓународна културна размена и го организира Меѓународниот натпревар за пијанисти во Брест.

Пијанистката Хоу Јуан започнува да учи пијано во 1986 година најпрво со Џиа-Ронг Тиан, а потоа со Јиминг Пан. Од 1990 до 1996 година учи во Гимназијата за талентирани ученици при Централниот музички конзерваториум под менторство на Шининг Жанг. Во 2002 година заминува во Франција, каде студира со француските пијанисти и педагози Франсоа Буфе и Винсен Кок. Во 2004 година победува на натпреварот за пијанисти во Париз, а во 2008 година ја дели првата награда на Натпреварот за камерна музика „Леополд Белан“. Како камерен музичар, Хоу Јуан е поканета да настапува на Фестивалот за уметности на УНЕСКО, во 2015 година настапува на Филмскиот фестивал во Кан, на фестивалот „Бели ноќи“ во Париз, како и на 35-годишнината од проектот на УНЕСКO „Патот на свилата“ во 2023 година.

 

OhridNews