Иницијативата на Кина „Еден пат, еден појас“ за економско поврзување на земјата со Централна и Источна Европа отвора исклучителни можности за Македонија укажуваат експертите. Тие велат дека во Македонија не се знае многу за оваа иницијатива која е стратешка определба на Кина и сметаат дека е неопходна поголема соработка на стопанствениците од двете земји.

– Треба да се знае дека се гради брза железница Будимпешта – Белград на една страна, а на друга страна кинезите имаат многу голема инвестиција во пристаниште во Грција и ако малку ја познавате географијата знаете дека Македонија е помеѓу и многу е важна, а и можностите се исклучително големи за неа. Не само во инфраструктурата, постојат големи можности за Македонија и во туризмот, науката и образованието. – вели Матеуш Рашковиќ – универзитетски професор од Словенија.

-Доколку кинеските туристи би знаеле дека постои толку убаво место како Охрид сигурно би дошле тука. Имате прекрасно вино и сирење, но потребно е поголемо производство за да задоволите дел од побарувачката само на мојот град Чанду кој има 16 милиони жители. Ова укажува дека е потребна поинтензивна соработка на стопанствениците од двете земји. – изјави Де-Џун Цао – универзитетски професор од Кина.

Стратешки интерес на Македонија е да биде дел од иницијативата „Еден пат, еден појас“ истакна претседателот Иванов. Тој укажа дека земјата е дел од европскиот економски простор и нејзина цел е ЕУ, но засега не е рамноправен дел од европските патни, железнички и енергетски коридори. 

– Република Македонија сака да биде дел од Европската Унија во која постои слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал. Но, за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме рамноправен дел и од европските патни, железнички и енергетски коридори. На ова поле се соочуваме со парадокс. Бидејќи Европската Унија сè уште не ги поддржува крупните инфраструктурни проекти, одлучивме со поволни кинески кредити од иницијативата „16+1“ да градиме важен дел од европскиот Коридор 8. – истакна претседателот Иванов.

Иницијативата која опфаќа 16 земји од централна и источна Европа + Кина, Македонија ја мапира како земја на културата. За овој амбициозен проект Кина веќе потроши една кредитна линија од 10 милијарди евра за развој на инфраструктурата во регионот, од кои се финансираат и автопатите во Македонија. Покрај овој активни се уште десеттина други финансиски механизми зад кои стојат моќни азиски банки со капитал од над 50 милијарди евра. Дали и колкав дел ќе стигне во Македонија зависи од тоа колку квалитетни бизнис планови земјата ќе понуди на кинеските инвеститори.

Во Охрид денеска започна дводневна меѓународна конференција на која експерти, преставници на иницијатавата и унирвезитетски професори разговараат за можностите кои овој амбициозен проект на владата на Народна Република Кина ги нуди на регионот и на Република Македонија.

Г.М.