Магнети, релјефни украси, мали слики и приврзоци за клучеви на кои има пејзажи од Охрид и од охридските знаменитости, се најчестите сувенири кои домашните и странските туристи ги понесуваат како спомен од посетата на нашиот најголем туристички центар.

Ваквите производи кои најчесто се произведени во Кина може да се купат во голем број продавници и на тезгите низ градот и истите прават голема конкуренција на авентичните и рачно изработени производи кои се карактеристични за Охрид.

-Ваквите производи се продаваат по цени од 50 до 200 денари и се пристапни за туристите кои сакаат да купат сувенир. Ние им ги покажуваме местата каде што можат да се купат уникатни производи и им ги посочуваме трите национални сувенирници, но сепак тие најчесто се одлучуваат за комерцијалните сувенири како што се магнетите и други украси со охридски или македонски мотиви, вели туристички водич, кој има долгогодишно искуство во водењето на туристи во Охрид.

Според него само мал дел од странските туристи се спремни да платат висока цена за сувенири или подароци.

-Помеѓу странските туристи има и такви кои плаќаат високи суми во евра или денари за некоја рачно изработена резба, икона или филигран, исто така често пати се многу импресионирани од фолклорните мотиви па често купуваат и такви рачно изработени производи. Сепак мислам дека од уникатните охридски производи најчесто го бараат охридскиот бисер, појаснува нашиот соговорник.

Туристичките експерти велат дека сувенирите од кинеско потекло го имаат преплавено пазарот во речиси сите туристички центри на Балканот и Европа, а Охрид не може да биде имун на ваквите состојби.

За жал пазарната економија постепено ги истиснува уникатните занаетчиски производи и најголемиот дел од комерцијалните сувенири кои се продаваат низ Охрид се произведуваат во Кина. На овие сувенири како најчести охридски мотиви се објектите од историско и културно значење, како што се црквите „Свети Јован Канео“ и „Плаошник“, Самоиловата тврдина, манастирот „Свети Наум“. Тоа се мотиви кои се примамливи за туристите и поради тоа тие ги купуваат ваквите сувенири, вели д-р Сашо Коруновски, декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Според него потребно е да се направи истражување за утврдување на интересот кој го имаат туристите за купување на сувенири и колку истите се спремни да платат за автентичен сувенир, а потоа да се размислува за мотивирање на занаетчиите да произведуваат уникатни сувенири.

Инаку пред околу една година во Охрид беа отворени две продавници за национални сувенири, а пред извесно време започна да функционира и третата продавница. Туристите кои во текот на изминатите месеци ги посетиле овие продажни објекти, најголем интерес покажале за оригиналниот брендиран охридски бисер, но интерес имало и за другите производи како што се копии од артефакти од археолошките локалитети во Охрид и Македонија, како и копии од икони, фрески и уште многу други сувенири.

Е.М