На 23 јуни започнува петто јубилејно алтернативно културно-забавно лето на „Културолошка Иницијатива 5 до 12“ со еден од најголемите настани во претходните години во Охрид, а тоа е отвореното летно кино со автомобили, Summer Drive-in Cinema.
Во рамки на тридневното кино ќе бидат прикажани филмовите „Снежана на крајот умира“ во петок, „Парада“ во сабота и „Некрстени денови“ во недела, информираат од „Културолошка Иницијатива 5 до 12“.
Издаден минатата година, „Снежана на крајот умира“ е филм на Кристијан Ристески кој го опишува филмот како социјална драма во амбалажа на комедија и апсурд низ три приказни за три групи луѓе, една мува, едно прасе, една веце шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг.

Филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков, преку брилијантната црно-бела фотографија суптилно и нетенденциозно доловува атмосфера на историска драма која претставува огледало на хипокризијата на моралот, религијата и патријархалната традиција во општеството – подеднакво релевантна денес, како и во периодот непосредно пред Втората светска војна.
Влезот ќе биде отворен од 19:30ч, а по почетокот на проекцијата нема да биде дозволено влегување. Билетите по цена од 500 денари по автомобил ќе може да се купат на влез, додаваатод „Културолошка Иницијатива 5 до 12“.
Проекциите ќе бидат на просторот кај поранешната Касарна во Охрид со почеток во 21 часот.
OhridNews












