Ракометната репрезентација на Македонија, вториот и финалниот дел од подоготовките ќе го помине со комплетен ростер откако на помладите ќе им се приклучат поискусните репрезентативци. Еден од нив кој е суво злато за нашата селекција е Кирил Лазаров. Капитенот и десниот бек очекува возбудлив настап на ЕП, но чекор по чекор без залетување.

Во првиот дел од подготовките, Македонија предводена од селекторот Данило Брестовац работеше со помладите, а жив сведок на нивната ангажираност беше Лазаров. Тој истакна дека задоволен е од младите момци и нивната желба.

  • Стручниот штаб на првите тестови добро можеше да види со што располагаме. Јас сум среќен од она што го видов на натпреварите во првиот дел од подготовките. Ми се допаднаа доста работи. Тоа укажува дека сме на добар пат и ќе бидеме наскоро компетитивни со сите. Ама не чека долг пат, по кој мора да поставиме високи цели на ова ЕП 2020 и ако ни се укаже прилика, не по секоја цена, да зграбиме шанса за што е можно повисок пласман. Знам дека имаме квалитетна репрезентација, пет играчи имаме во Бундес лигата. – рече Лазаров.

Ривали на Македонија во фазата по групи се еден од домаќините Авсрија, Чешка и Украина. „Црвено жолтите“, имат позитивен скор во големите натпреварувања и квалификациите со ривалите од групата, но тоа ќе мора уште еднаш да се повтори следниот месец.

  • Имаме квалитет да ја минеме првата фаза, ама искуството вели да одиме чекор по чекор, натпревар во натпревар. Досега сме ги победувале противниците што ги имаме, ама мора да внимаваме. Ние сме благи фаворити, дури и против домаќинот Австрија. – заврши капитенот.

Нашата репрезентација првиот натпревар на ЕП го игра на 10 јануари против Украина, на 12 јануари силите ќе ги одмери со Чешка, а два дена подоцна ќе се судри со Австрија.

OhridNews