Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Кирил Пецаков е роден во Охрид на 06.07.1985 година. Основно и средно образование завршува во Охрид, а високо образование на Стоматолошкиот факултет „Св. Пантелејмон“ во Скопје. Специјализира на Стоматолошкиот факултет „Св. Пантелејмон“ во Скопје каде се стекнува со називот специјалист по детска и превентивна стоматологија. Во два мандати беше дел од Советот на Општина Охрид од 2009 – 2013 и од 2017 – 2020 година. Од 2020 до 2021 година беше пратеник во Собранието на Република Македонија. Од 31.10.2021 година ја извршува функцијата градоначалник на Општина Охрид. Оженет е и татко на две малолетни деца.
Пецаков ja открива својата визија за Охрид, приоритетите и насоките на развој на општината која во иднина ја гледа како посакувано место за живеење.
ON: Како гледате на Охрид сега и како го гледате Охрид во иднина?
Пецаков: За мене, Охрид отсекогаш бил и ќе остане Град на Светлината. Тој не е само најубав град во Македонија, туку, слободно ќе кажам, еден од најубавите бисери и пошироко! Охрид за мене е многу повеќе од место за живеење. Тој е жива ризница, град со неизмерно културно, историско и природно богатство кое ни е оставено во наследство. Тоа е богатство кое заслужува да биде видено и доживеано од целиот свет! Нашата визија е јасна, да ја искористиме сета таа убавина. Имаме конкретен план и цврста увереност дека можеме да ја претвориме оваа визија во реалност.
Во иднина, Охрид го замислувам таму каде што му е местото, високо на пиедесталот на најдобрите туристички дестинации во Европа! Тоа ќе биде град кој зрачи, со сета потребна инфраструктура, со совршена промоција и со максимална афирмација на секое негово богатство. Ова е мојата мисија, да го вратиме сјајот на Светлината и да го претвориме Охрид во магнет кој привлекува, инспирира и трајно останува во срцата на сите кои ќе го посетат.
ON: Кои се приоритетните проекти во ваша програма за претстојните локални избори?
Пецаков: Со докажана посветеност и одговорно управување, од 10-те приоритетни проекти ветени во изминатиот мандат 8 се реализирани или започнати. Овие успеси се резултат на заедничка енергија и транспарентност, докажувајќи ја способноста да се направат промени. Ова е само почеток. Новата изборна програма се надоврзува на овие резултати, поставувајќи поголеми цели со визија за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид, кој ќе живее во хармонија со своето езеро и културно наследство. Голем дел од новата енергија е посветен на изградба и подобрување на современата општинска инфраструктура. Планирани се следниве проекти:
- Реконструкција на Кеј „Македонија“ и дел од булеварот „Туристичка“.
- Изградба на уште една катна гаража и нов Младински културен центар.
- Уредување на кејот во Пештани и на градскиот пазар.
- Проекти за канализација и патишта во Трпејца, Долно Лакочереј, Орман, Чекоштина и други населени места.
- Инвестиции во училиштата и детските градинки, вклучувајќи поставување на фотоволтаици за зголемување на енергетската ефикасност.
- Охрид ќе влезе во дигитална ера со цел зголемување на транспарентноста и подобрување на јавните услуги. Ќе се воведат дигитализација на јавните услуги, QR-кодови за документи, и плаќање такси преку СМС.
- Можност граѓаните електронски да ги поднесуваат барањата и да го следат статусот на своите предмети.
- Дигитализација на седниците на Советот.
Локалната економија ќе ја поддржуваме преку:
- Поддршка на малите бизниси и занаетчиството.
- Привлекување странски инвестиции.
- Формирање на локален иновациски фонд за поддршка на млади претприемачи.
Фокусот за наредниот мандат е да се постигне целта за чиста, зелена и енергетски ефикасна општина, за што веќе е изгласана и студија за физибилити од страна на Советот. Активностите во овој сегмент се насочени кон заштита на езерото и одржливост:
- Ќе продолжат редовните акции за чистење на езерскиот брег, поставувањето на модерни корпи за селекција на отпад и засадувањето нови дрвја.
- Ќе се работи на заштита на езерото преку строга контрола на отпадните води.
- Ќе се субвенционираат граѓаните за соларни панели за да се поттикне енергетската ефикасност.
Во областа на туризмот, целта е промоција на Охрид како одржлива и инклузивна дестинација. Клучна алатка ќе биде изработката на Стратегија за туризам 2025-2030, со особен фокус на еко, културен и авантуристички туризам.
Културата е поставена како „срцето на Охрид“, па затоа се планирани инвестиции во културната инфраструктура и проширување на настаните: Планирана е реконструкција на домовите на култура во Љубаништа, Кошишта и Радојца Новичиќ. Покрај веќе постоечките настани како Вино фест, Охрид Ватер Фестивал, Џез фестивал и Коктел фест, ќе се воведуваат и нови, вклучувајќи Охридски џез фестивал со интернационална вечер и Фестивал на креативни индустрии.
Оваа програма е посветена на сите, со цел да го направиме Охрид уште подобар за живеење. Тоа е наша заедничка обврска и наш пат кон просперитетна иднина.
ОN: Што планирате во насока на зачувување на статусот во УНЕСКО, заштитата на животната средина, туризмот и економскиот развој на градот?
Пецаков: Општина Охрид останува целосно посветена на исполнување на сите препораки на УНЕСКО, со интензивна соработка со сите релевантни институции на локално и централно ниво. Главен приоритет е зачувување на уникатните природни и културни богатства на Охридскиот регион и одржување на неговиот статус како светско наследство, со ветување за уште поефикасно и поодговорно спроведување на сите активности во иднина.
Во однос на животна средина и инфраструктура постигнат е напредок во решавањето на горливи проблеми во управувањето со отпадните води. Успешно е решен проблемот со проектот за изградба на пречистителна станица во Трпејца. Интензивно се работи на проектот за изградба на пречистителна станица и во селото Љубаништа. Претходно е реализирана изградба на фекална канализација во неколку населени места, со што е ставено под контрола управувањето со отпадните води. Во однос на депонијата, Општина Охрид доби поддршка за изработка на проекти за затворање, рехабилитација и понатамошна грижа за нестандардната депонија Буково. Се работи на постигнување на финалната фаза – нејзино целосно затворање. Во меѓувреме, ЈП „Охридски Комуналец“ ја држи депонијата под контрола со постојано покривање со песок и земја за спречување на опожарувања, а дополнително е планирано оградување, осветлување и поставување на видео надзор.
Туризмот е клучна стопанска дејност, поради што важно е стратешко, планско планирање и одржлив развој со вклучување на сите чинители. Во таа насока Општината поддржува проекти за промоција на туристичките потенцијали, културното и природното наследство, како и унапредување на културните и духовните вредности. Локалната самоуправа работи на брендирање на градот преку маркетинг активности, учество на туристички настани, манифестации и бизнис конференции. Постои континуирана соработка со туристичките чинители и асоцијации. Новите директни линии до Охридскиот аеродром веќе дадоа позитивни резултати, а се водат и преговори за воведување на нови авио линии до важни европски центри. Целта е Охрид да биде туристички центар кој живее цела година, не само во летото. Задоволство е што и надвор од шпицот на летната сезона се бележат позитивни резултати со зголемен број на туристи. Одлична соработка е воспоставена со Министерството за култура и туризам, кое во наредниот период ќе реализира проекти за зачувување и промоција на културното наследство во старото градско јадро, како и на археолошки локалитети.
Во насока на економскиот развој за да биде привлечен за инвеститори, клучна е добрата инфраструктура и патна мрежа. Очекувам автопатот Кичево-Охрид во неговата целосна должина значително да ја зголеми атрактивноста на Охрид за бизнис инвестиции. Постои постојана соработка со бизнис секторот, странските компании и потенцијалните инвеститори во туризмот. За зголемување на бројот на вработени, многу е значајна поврзаноста на образованието со бизнис секторот преку дуалното образование во средните стручни училиште, со што се обезбедува потребниот кадар. Како Локална самоуправа доста стредства и енергија вложуваме во оваа област и мислам дека веќе првичните резултати се гледаат. Охрид има и своја индустриска зона – во 2022 година беше изгласан Детален урбанистички план (ДУП) за Индустриската зона во Лескоец, со што се овозможивме дополнителни услови за инвестирање.
Н.С.Ј.