
OHRIDNEWS: Господине Нанче, по втор пат се кандидирате за градоначалник на Охрид. Овој пат, довербата Ви ја дадоа од ВМРО-ДПМНЕ. Прифативте, па кажете ни кои се вашите мотиви?
НАНЧЕ: Мотивите се исти како и првиот пат, не е ништо променето, затоа што мислам дека на Охрид му треба градоначалник кој ќе овозможи подобар и поквалитетен живот на граѓаните и општинска администрација што ќе работи во нивни интерес.
OHRIDNEWS: Како гледате на Охрид, во овој миг, како граѓанин?
НАНЧЕ: Во Охрид, господ дал многу убавини. Сите го сакаме, но во овој период гледам прилично хаотичен развој, без план. Трчаме по некои ситни профити, а не гледаме дека треба да обезбедиме за нашите деца подобра иднина. Тоа е еден од главните мотиви заради кои се кандидирав за градоначалник. Изгледа по малку клишеизирано, но сепак, имаме деца.
OHRIDNEWS: Што им нудите на охриѓани во Вашата програма?
НАНЧЕ: Генерално, ќе обезбедам функционална општинска администрација зашто тоа е предуслов без коj не се може. Ако немате функционална администрација во служба на граѓаните, не можете да понудите ништо друго. А другото е: со функционална администрација ќе обезбедите подобри услови за отварање нови бизниси и развој на постојните. Сега сме сведоци на нови вработувања во општината и јавните претпријатија што се под нејзина контрола. Ова што се случува е катастрофално. Не дека не треба да има нови вработувања, но ако продолжиме по тој терк, тогаш којзнае каде ќе ни биде крајот.

OHRIDNEWS: Во повеќе наврати ја споменавте општинската администрација. Како ќе ја реформирате?
НАНЧЕ: Нема да измислиме топла вода. Како функционира една европски модерна општина, имаме многу примери. Ние само треба да ги примениме во наши услови. Генерално, идејата е Охрид да добие електронска општина. Во време на интернет и нови технологии е модерно да зборуваме за тоа. Еве гледате, и Владата донесе одлука да градиме универзитет на високи информатички технологии во Охрид. Тоа е компатибилно со интенцијата дека работите треба да ги вршиме по електронски пат. Во мал дел од работите треба да имаме директна комуникација со општината. Но повеќето од нив треба да се извршуваат по принципот на зададени рокови. Кога вие ќе аплицирате за некоја работа, да се знае дека општината односно службите ќе ви дадат одговор. Всушност и според законот е така. Ако администрацијата не ви даде одговор и имате молк, тогаш во принцип, вие сте во право. Кога барањата на граѓаните ќе се движат брзо, тогаш никого нема да го интересира кој работи во општината.
OHRIDNEWS: Охрид не може без туризмот, но се чини дека треба многу напорно да се работи, за да се развие оваа гранка во вистинската смисла. Како Вие гледате на ова?
НАНЧЕ: Туризмот за нас е бескрајна приказна, но се што правиме за него е хаотично. Се е „ад хок“. Чекаме да дојде лето и тогаш да го развиеме туризмот. Треба да ја прошириме туристичката сезона. Јас мисам дека Охрид има предуслови да живее со туризмот преку целата година. Ни треба стандардизација на туристичката понуда. Ако се сеќавате, пред неколку години, руски туроператори побараа 5 илјади легла по одреден стандард. Кога дојдовме да се преброиме, едвај најдовме околу 500 такви легла.

OHRIDNEWS:Општината треба да се вложи и во постигнувањето економски развој. Доколку станете градоначалник, какви ќе бидат Вашите напори за постигнување поголем економски развој на општината и привлекување странски инвестиции?
НАНЧЕ: Странски инвеститори доаѓаат само кога домашните инвеститори ќе покажат волја за тоа и ќе почнат да прават добри програми. Странскиот инвеститор доаѓа да види профитабилен бизнис и евентуално да го докапитализира. Ние можеме да донесеме инвеститори преку проекти најпрвин во туризмот, а потоа и во еколошката сфера. Во светот постојат фондови, инвеститорите ги искористуваат таквите фондови, ја одработуваат задачата од еколошки аспект и се повлекуваат , а за нас останува тоа што е направено. Сакам да потенцирам уште еден од поглавните проблеми, а тоа е недефинираната индустриска зона во градот. Живеалиштето и индустриската зона се измешани, а тоа не е добро ни за едните, ни за другите. Охриѓани не се предаваат, отвараат мали погончиња, но државата и општината треба да им овозможат соодветни услови.

OHRIDNEWS: Сведоци сме на забрзана урбанизација на Охрид, преку која, градот ја губи автентичноста. Дали сте размислувале на оваа тема?
НАНЧЕ: Урбанизацијата е култура на живеење, но во моментов, таа се врши модуларно. Земаме едно парче од градот и го решаваме само него, без да водиме сметка како ќе се реперкуира тоа врз остатокот од Охрид. Урбанизмот подразбира планирање 50 години однапред. Секој не може да се занимава со оваа проблематика. Нам ни требаат професионалци кои ќе го осмислат просторот за да можеме да живееме. Природно е да се гради, но јас сум противник на изградбата на викенд-становите зашто тие се голем проблем за туризмот. Не смееме да го угушиме градот.Имаме згради во кои живеат само едно-две семејства. Треба да се направи ред. Ако е туристичка населба нека биде строго наменска и да се прават пари од тоа. Она што досега е направено не може да се смени, но во иднина треба да внимаваме. Мислам дека со даночна политика може да се реши овој проблем.
OHRIDNEWS: Дали сметате дека општините треба да имаат поголеми надлежности од досегашниве?
НАНЧЕ: Сакаме влез во Европската унија а правилата на игра се вика – децентрализација. Тоа е предусловот. Се сложувам дека општините треба да имаат поголеми ингеренции. За жал, Охрид не влезе во втората фаза од фискалната децентрализација за да искористи многу бенефити, бидејќе не успеа да се исчисти од долговите што е првиот предуслов за тоа.

НАНЧЕ: Интересен период од мојата кариера е работењето во Македонски телекомуникации заради влегувањето на претпријатието во процесот на приватизација. Тоа е период во кој ќе научите многу и ќе воспоставите контакти со компании и менаџери од меѓународен ранг, ќе искомуницирате и ќе стекнете самодоверба. Сакам да им кажам на младите дека и тие се обични луѓе кои инвестирале во себе, направиле нешто од себе и кога ќе почнете да комуницирате со нив, ви расте самодовербата дека и вие можете да направите некои работи како што треба.
По излезот од Телеком работев во компанија која функционираше на меѓународен план. Тоа се големи искуства кои треба да ги спуштиме на локално ниво. Мислам дека тука можам да придонесам многу. На приватен план, уживам во крос-моторите. Откако возам таков мотор ги запознав сите места во Македонија за кои некогаш сум мечтаел.Оженет сум и имам 18 годишен син.
OHRIDNEWS: На Вашата прва прес-конференција, откако највисоките органи на ВМРО-ДПМНЕ Ве избраа и официјално за кандидат, рековте, цитирам„Се надевам дека овојпат ќе имаме фер избори за разлика од минатиот пат“. Што всушност, сакавте да кажете со ова?
НАНЧЕ: Не сакам да гледам назад. Но по локалните избори во 2005 година имавме револт кај луѓето. Не можете да изреволтирате луѓе, да излезат на протести туку така. Кога ќе ви се случи за време на изборни активности да имате недостаток на гласачки ливчиња, и фиктивни бомби во општината, тоа значи дека мириса на нерегуларност. Но тоа беше и помина. Мислам дека во меѓувреме работите се сменети. Донесени се нови законски регулативи сврзани со одржувањето на изборите и ние како граѓани, не смееме да дозволиме повторно да ни се случат нерегуларности.
OHRIDNEWS: Изборната кампања започна. Вашата работа сега е контактот со гласачите. Каков е нивниот пулс, за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Трендафилов-Нанче?
НАНЧЕ: Јас постојано се движам меѓу граѓаните. Тоа е во мојата природа. Така беше и пред 4 години и сега. Проблемите се исти. За 4 години не се успеало да се решат голем дел од проблемите. Ако тоа не успеете да го сработите за еден мандат, не знам со кој образ се кандидирате повторно. Ако сте градоначалник, треба да си обезбедите најмалку три, четири мандати зашто сте сработиле за граѓаните. Јас, освен она што е градено, пред се, мислам на станбените објекти, не гледам ништо друго капитално.

OHRIDNEWS: И на крајот, да ја слушнеме и Вашата порака до охриѓани?
НАНЧЕ: Имаме деца, имаме одговорност кон нив. Да можеме да излеземе пред нив со крената глава за да не ни поставуваат прашања што сме направиле. Тоа е приказната. Оттука почнува-тука и завршува. Да обезбедиме иднина за нашите деца. А најважно од се, е на децата да им створиме критериуми дека можат со чесна и одговорна работа, со инвестиција, прво во себе, а потоа и во општеството да постигнат многу. Да не очекуваат инстант-решенија од денес за утре зашто тоа нема да се случи!
фото: Мирко Постоловски











