27.000 евра е највисоката казна која еден медиум може да ја плати во случај да биде тужен и осуден за клеветa или навреда. Ова се предвидува со измените во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Кривичниот законик, кој вчера ги промовираше Министерот за правда Блерим Беџети.
-Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик се врши декриминализирање на навредата и клеветата со тоа што се бришат сите кривични дела од главата која се однесува на честа и угледот. Покрај кривичните дела „навреда” и „клевета”, од оваа глава се бришат и останатите кривични дела – изнесување на лични и семејни прилики, омаловажување со префрлање за кривично дело, повреда на угледот на Република Македонија, и изложување на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, повреда на угледот на судот, повреда на угледот на странска држава и Повреда на угледот на меѓународна организација.- истакна министерот Беџети, нагласувајќи дека законските измени се во согласност со европските критериуми.
Според новото законско решение, во случај на клевета новинарот ќе плати максимум 7,5 отсто од сумата што ќе ја одреди судот, 37 проценти одат на товар на уредникот, а 55 проценти ќе плаќа медиумот.
Здружението на новинарите на Македонија -ЗНМ, засега не го коментира законот кој Владата сама го промовираше во очи доаѓањето на еврокомесарот за проширување на Унијата Штефан Филе во Македонија. Делегација на ЗНМ ќе оствари средба со Филе, по што се очекува да биде соопштен ставот на еснафот.
Професионалните медиумските работници кои се залагаат за почитување на новинарските принципи за објективно, избалансирано и непристрасно информирање, во текот на јавната расправа и разговорите ЗНМ – Влада, имаа различни видувања за законското решение за декриминализација на клеветата и навредата. Од тоа дека со законот ќе се подигне нивото на одговорност кај медиумите, до тоа дека тоа е вовед во автоцензура, затоа што најголем број од новинските куќи се економски слаби и подложни на влијанија на политичките и бизнис кругови. Дополнително стравувањата ги подгрева најавата за донесување Закон за медиуми, за кој повторно има спротиставени мислења. Новинарите инсистираат на воведување на принципот на саморегулација, кој ќе овозможи демократски механизам за спроведување на новинарските принципи и начела на работа, како и санкционирање на прекршителите, наспроти најавите државата да ги регулира состојбите во медиумите.