
Целта на законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е да ја гарантира слободата на изразување и информирање, како еден од битните услови на демократското општество и основен двигател на развојот и напредокот во општеството. Како што пренесува „МИА“, предложениот текст ги почитува и се заснова на стандардите и врз конвенцијата на Европскиот суд за човекови права. Во законот е пропишана одредба во која се пропишува примат на Европската конвенција за човекови права на домашното законодавство, односно на домашното право, како и директната примена на праксата на Европскиот суд за човекови права пред домашните судови. Ова се овозможува првпат во судовите во Република Македонија со цел да дојде до воедначување на домашната судска со праксата на Европскиот суд за човекови права во делот на примената на член 10 од Конвенцијата за човекови права, како основен столб на законот.
Меѓу другото, во законот е пропишана заштита на изворот на информации, одговорност на новинарот, уредникот и сопственикот, односно правното лице. Тужителот при поднесување на тужбата е слободен самиот да одлучи против кое од лицата ќе ја поднесе тужбата за утврдување одговорност за надомест на штета за навреда или клевета. Особено е значаен во овој дел принципот на претпоставена одговорност на уредникот и правното лице што подразбира дека доколку тужителот заведе постапка против сите тројца товарот на одговорност паѓа на самите тужени. Пропишана е и постапката за утврдување навреда и клевета, како и надоместокот на штета, основите за исклучување од одговорноста во одредени ситуации кога станува збор за информации за прашања од јавен интерес кои се пренесуваат во добра намесра, надлежност на судот или привремените судски мерки. Се предвидуваат и мерки на ублажување на штетата како што се извинување или повлекување на дадените изјави што во крајна линија може, според неа, да доведе до ослободување од надоместокот на штета за навреда или намалување кога станува збор за клевета.











