Светскиот првак во бокс и лидер на украинската опозиција, Виталиј Кличко, потврди дека ќе се кандидира за претседател на Украина на изборите во 2015 година.

Постариот од браќата Кличко, кои доминираат во светскиот бокс, ќе му биде противкандидат на актуелниот претседател Виктор Јанукович, кој ќе се кандидира за својот втор мандат.

Виталиј, со својата партија УДАР, на последните парламентарни избори беше трет според бројот на гласови, тој е сојузник на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, која веќе неколку години се наоѓа во затвор.

Кандидатурата на Кличко доаѓа по објавата на Јанукович дека ќе се усвои закон на кој на лицата кои повеќе од десет години живеат надвор од Украина ќе им биде забрането да се кандидираат на изборите.

Виталиј Кличко неколку години живее и тренира во Германија.

„Моја главна цел е да ја приближам Украина до Европа, да стане модерна земја со европски стандард и начин на живот. Имам престој во Германија, но тоа не е нешто што се коси со украинските закони или го поништува моето државјанство. Ќе се кандидрам за претседател“, рекол Кличко.

„Макфакс“