Охридската пастрмка доцни со природната репродукција што неповолно се одразува и на вештачкиот мрест на овој ендемски вид риба, кој оваа година Хидробиолошкиот завод од Охрид го започна неколку дена порано од предвидениот термин. Според научната јавност причина за тоа се климатските промени, големите температурни осцилации, како и периодот на полна месечина, што негативно влијае на мрестот на пастрмката.

-Не само температурните разлики туку и ветровите предизвикани од промените на температурите доведоа до моменти пастрмката да доцни со својот репродуктивен циклус. Во трпејчкиот дел гледаме во нивните гнезда, или мршини како што ги викаме народно, стојат рибите на нив, а не го извршуваат чинот на полово оплодување, репродукција, а од друга страна мрежите што се до нив се празни. – вели Зоран Спиркоски, кој долги години работи на вештачкиот мрст на пастрмка во Хидробиолошкиот завод Охрид.

Уловот на риба за вештачки мрст до сега е под очекувањата. Пред викендот биле собрани 500.000 зрна икра, но од Хидробиолошкиот завод се оптимисти дека до завршување на мрстот ќе биде исполнета потребната квота.

-Вкупно очекуваме да собереме 2,5 милиони зрна икра кои ќе се одгледуваат понатаму во нашето мрестилиште до септември кога ќе бидат пуштени во Охридското Езеро.- додава Спиркоски.

Се очекува оваа недела условите во Охридското Езеро значително да се подобрат, а ќе се намали и месечевата светлина, што според стручњаците од Хидробиолошкиот завод поволно ќе се одрази на вештачкиот мрест на пастрмката.

Г.М.