Синоќа во просториите на Црвениот крст Охрид се оддржа јавна трибина на тема „Превенција на коларектален карцином“, на која присутните имаа можност да се запознаат со клиничките знаци, ризик-факторите, односно заштитата и превенција од карциономот на дебелото црево.
Д-р Димитар Арнаудов, кој повеќе од пет години е специјалист хирург во Општата болница Охрид, пред присутните потенцира дека ракот претставува епидемија на денешното време, кое според многумина се нарекува болест на цивилизацијата.
„Иако во Македонија немаме некои реални статистички податоци и можеби бројката е пониска во однос на Европа, сепак постои галопирачки раст на заболените од коларектален карцином. Малата бројка се должи на тоа дека тука луѓето не се навремено едуцирани да дојдат и да иницираат некаков преглед, за разлика од високоразвиените земји, каде имаме голема инциденца заради навремените скрининзи со кои се откриваат овие случаи.“ – рече Арнаудов.
Крајните делови на дебелото црево – место каде најчесто се разиваат карциономите
Како што потенцира Арнаудов, дебелото црево е делот во кој хранливите материи преминуваат во фекалии, кои во овој орган остануваат подолго време. За разлика од него, храната побрзо се спроведува низ тенкото и дванаесетпалачното црево, желудникот, хранопродовот, односно усната шуплина.
„Храната има еден процес на движење од усната шуплина, преку хранопроводот како транзиторен орган, низ желудникот и дуоденумот, тенкото па дебелото црево. Иако тенкото е најдолгиот цревен дел во организмот, храната таму се задржува само час до час и половина. Во тенкото се ресорбираат хранливите материи, додека во дебелото црево водата. Самата хистологија на деблото црево не дава брза ресорбција на водата и затоа фекалијата останува тука подолго време. Крајот на овој орган е резервоар на фекалии. Токму тој период на чекање да се испразнат, фекалиите остануваат во претпоследниот и последниот дел(ректумот) на цревото, каде што е најголемата инциденца за развиток на рак. 70 отсто од малигните заболувања се разиваат токму во овие делови.“ – потенцира Арнаудов.
Генетскиот фактор причина само кај десетина отсто од заболените
Причините за појава на карцином на дебелото црево се различни, почнувајќи од исхраната, начинот на живот, влијанието на животната средина, наследните заболувања, напорните физички активности, генетските фактори, како и штетниот оксидантен стрес на клетките.
„Зголемувањето на слободните кислородни радикали произлегува од неизбалансираната храна, влијанието на животната средина(пушење, загаден воздух и алкохол), наследни заболувања, напорни физички активности, рани и повреди. Како последица се јавува негативниот оксидантен стрес на клетките, кој предизвикува нивна промена во една насока, која не може да се врати назад, а може да предизвика оштетување на днк кодот и изолирање на клетката. Тука се и биларните соли кои се зголемени кај оние, кои внесуваат храна богата со животински протеини и масти, а самото тоа создава повеќе жолчни бои. Генетскиот фактор како причина се јавува кај 10 до 15 отсто од заболените, додека 85 до 90 проценти немаат никаква поврзаност со генетската конституција.“ – објасна Арнаудов.
Клинички знаци на болеста
Долгорочната анемија, наглата промена на столицата од тврда во течна состојба и обратно, возрасната граница и губењето тежина, се само дел од клиничките знаци кои можат да сугерираат на евентуална појава на коларектален карцином.
„Не смее да има ниту слузница во столицата, која оди во прилог на почетно заболување на дебелото црево, односно преканцероза. Најлесен и најдобар совет за рано откривање на болеста е да се гледа столицата при одење нужда. Во секој случај, можеме да го промениме начинот на живот и исхраната. Секој од нас може да заболи од овој карцином, но ризикот може да се спречи преку превентивни мерки.“ – рече Арнаудов.
Превенција и заштита
Навременото откривање на карциномот претставува „пола лек“, додека во голем број случаи скринингот се покажал како ефективен.
„Примарната превенција вели дека треба најмалку пет порции свежо овошје во денот, бидејќи истото соддржи влакна кои брзо ги ресорбираат канцерогените материи и ја зголемуваат брзината на транзит на фекалиите во дебелото црево. Миниум еднаш неделно брокула и зелка, додека најмногу 3 пати неделно црвено месо. Неограничена конзумација на риба, житарици, суви сливи и смокви, витамини, микроелементи и антиоксиданти, кои спречуваат оксидантен стрес на клетките. Исто така, потребна е редовна физичка активност без претерување и оставање на алкохолот и цигарите. Мора да се напомене дека скринингот претставува пола лек и начин за рано откривање на карциномот уште во предклиничка фаза, кога се нудат големи и ефективни можности за лекување.“ – потенцира Арнаудов.
91 отсто од заболените се постари од 50 години
Карциномот на дебелото црево спаѓа во заболување на популацијата, која е релативно возрасна.
„Помладите во принцип имаат лоша прогноза, бидејќи тие се витални и силни, односно со добар метаболизам. Доколку организмот има потенцијал за добро хранење, прогресијата на туморот побрзо оди. Оние над 70 годишна возраст, имаат поспора прогресија и имаат добра шанса за лекување. Денеска во светот има 24,6 милиони луѓе кај кои во последните пет години е откриен овој канцер, а третманот е во тек.“ – потенцира Арнаудов.
Бројот на машки и женски лица е скоро изедначен
Иако во светот предоминира машката популација која е заболена од карциномот на дебело црево, сепак разликата во голем број земји е скоро изедначена.
„Тоа го покажува студијата направена на ниво на целиот свет. Кај мажите предоминира ракот на белите дробови, на простата и желудникот, односно дебелото црево кое е во пораст. Кај жените, предоминира ракот на дојката.“ – истакна Арнаудов.
O.Трајчески