Тренерот на фудбалерите на Борусија од Дортмунд Јирген Клоп ја потврди информацијата на Bild дека по завршувањето на сезоната ќе си замине од клубот. Клоп со клубот договорил предвремен раскин на договорот, според кој 47-годишниот тренер во Дортмунд требаше да остане до јуни 2018 година.


„Не станува збор за тоа дека се заморив од работата, а исто така немам никаков договор со некој друг тим, исто така можам да кажам дека нема да земам едногодишен одмор. Секогаш говорев дека ќе си заминам кога ќе почувствувам дека повеќе не сум идеалниот тренер за Борусија. Заминувањето нема никаква врска со резултатите, се надевам дека донесов исправна одлука“, порачал харизматичниот тренер.

Покрај Клоп информацијата ја потврди и првиот човек на Борусија Ханс-Јоаким Вацке.

„Имавме неколку разговори на негова иницијатива. Со оглед какви резултати и успеси постигнавме во овие седум години заедничка работа, ја донесовме одлуката. Јирген можеш да бидеш сигуирен дека Борусија ќе ти биде вечно благодарна“, рекол Вацке.

Јирген Клоп на кормилото на Борусија застана во 2008 година, во неговиот мандат тимот освои две шампионски титули (2011, 2012), еден Куп на Германија (2012) и играше во финалето во Лигата на шампионите (2013), каде загуби од Баерн со 1:2.

За услугите на Клоп интерес во изминатата година покажуваа Арсенал, Манчестер Сити, ПСЖ, Ливерпул и Реал Мадрид.

Наследник на Клоп, според Bild, ќе биде поранешниот тренер на Мајнц Томас Тухел, кој од мај 2014 година е без работа.

„Макфакс“