Германскиот стручњак Јирген Клоп во среда во 21 часот за прв пат ќе го предводи Ливерпул во градското дерби со Евертон или популарното „Мерсисајд дерби“.
„Црвените“ бележат одлични резултати пред градската пресметка за која долго се прераскажува по завршувањето.
– Многу сум среќен за мечот против Евертон. Овие мечеви го прават фудбалот посебен спорт. Градските пресметки не се опишуваат со зборови тие само се чувствуваат. Пробав да разговарам со играчите по победата над Бурнмаут, но никој не ме слушаше, во клубот владее тотално лудило. Единствено што можев да забележам е мотивираноста кај играчите, друго ништо. – рече Клоп.
Германецот се присети на првото позначајно дерби на клупата од Борусија Дортмунд во 2008 година против Шалке на „Вестфален“ стадионот. – Мојата прва дерби средба на клупата од Дортмунд започна катастрофално. После 54 минути губевме 3-0 и Кевин Курањи промаши зицер прилика за 4-0, тогаш помислив дека мојата сопруга ги има спакувано куферите и можеме веднаш да заминеме за дома. Со неколку измени ја стабилизиравме играта и до крајот на мечот стигнавме до 3-3 по што преживеав јас и мојата екипа.
Моменталните резултати ги прават „црвените“ благи фаворити пред дуелот со „карамелите“ кој ќе се одигра на Енфилд.
– Фудбалерите и сите во клубот подруго дишат пред вакви натпревари. Голем е притисокот пред дерби пресметките и ниту една екипа не е фаворит. Се е можно и тоа нешто најдобро во фудбалот. – заврши Клоп.
Во пресрет на дербито Ливерпул со 51 бод се наоѓа на осмата позиција додека Евертон со десет помалку ја зазема единаесеттата позиција на табелата.
OhridNews