Како дел од програмата на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, вчеравечер во Конгресниот центар се одржа промоција на книгите „Охридски раскажувачи“ и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ од професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорго –Димоски, во издание на Општина Охрид.
Во име на Локалната самоуправа, свое обраќање на промоцијата имаше советникот во Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
Како македонист, како охриѓанец и пред се како македонец, чувствувам посебна гордост и голема чест, да говорам за две капитални изданија, кои ја отсликуваат нашата историја, оставаат силен печат на нашето културно наследство и се чувари на нашиот идентитет. Се радувам што овие две книги и покрај тоа што имаа свои официјални промоции за пошироката читателската публика, зазедоа значајно место и во рамки на програмата на 55–та Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура, рече Божиновски.

Големите браќа Кирил и Методиј се симбол за Охрид и Македонија. Нивното име, нивниот животен пат и нивните дела, биле и се уште се вистински предизвик за книжевната наука. Голем број истакнати научни работници, ја истражувале и ја проучувале нивната дејност, со цел да ја одгатнат суштината и да ја покажат вредноста на нивниот значаен опус. Токму затоа, во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков сакам да упатам срдечна благодарност до професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски, кои со својот труд и посветеност, создадоа книжевно дело кое претставува своевиден паметник за светите браќа и нераскинлива нишка помеѓу сегашноста и минатото, додаде Божиновски.

Би рекол дека ова дело е збир на она најзначајното и најсуштинското, нешто кое вреди да го прочита секој што сака да ја запознае основата на македонската книжевност. Локалната самоуправа, со досегашната поддршка на ваквите изданија покажа дека е цврсто определна да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на културните вредности на Охрид. Оваа пракса ќе продолжи и во иднина и верувам дека наскоро ќе може да се радуваме на уште некое ново издание, кое ќе го промовираме заедно, истакна Божиноски во своето обраќање.
OhridNews












