Во спомен куќата на Григор Прличев денес беше промовирана книгата „Охридски фолклористи” од авторите проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во издание на градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков. Книгата како што беше посочено на промоција е сведоштво за вековната духовна и културна ризница на Охрид која ја одржува жива традицијата и ја слави нашата национална и културна идентитетска цврстина.
Уредникот на едицијата „Охридско книжевно наследство”, во рамки на која влегува и книгата „Охридски фолклористи”, Митре Велјаноски истакна дека станува збор за книга која е темел не само на охридската културна дејност, туку темел на целокупната македонска културна дејност.
Ако се потсетиме, пред 1944 година ние ги имавме Рацин, Неделкоски, Ристо Крле, Панов, Васил Иљоски, мали обиди на македонска книжевност и тие почиваа, како што почиваше и Скендербег и Сердарот на Прличев на народната традиција, на народното творештво. Македонското народно творештво беше таква силна подлога, таков темел што за три генерации македонски писатели, македонската книжевност го фати чекорот и текот на современата светска литература без никакво претерување, рече Велјаноски.
Упати благодарност до општина Охрид што го препознала значењето на овој труд, но и на невидениот и неуморниот труд и капацитет и знаења на проф. Пандев и светскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски.
Оваа едиција ќе ја продолжиме уште со неколку книги, целокупното книжевно-културно наследство на Охрид да го имаме на едно место. Општина Охрид направи тоа да биде достапно и во дигитална форма. Ако не беше македонската народна литература, од нашиот корен не ќе имаше ни нам, ни нишан, што ги рекле луѓето, бидејќи ги знаеме околностите и, за жал, ни се повторуваат од деценија во деценија, од век до век. Затоа апелирам и сите останати во нивните дејности да го соберат она најзначајното. Ние сме од Свети Климент и благословени, но и обврзани, ова е должен да го прави Охрид, додаде Велјаноски.
Пандев упати благодарност до Општина Охрид за целокупната едиција „Охридско книжевно наследство“ која посочи дека брои дванаесет книги и уште три кои се во подготовка, во кои е застапен охридскиот фолклор.
Кога велам е застапен охридскиот фолклор, ќе ги спомнам најпрво оние книги во кои што фолклорот не го очекуваме, а тоа се книгите посветени на Светите браќа Кирил и Методиј и Климент и Наум Охридски, затоа што во нивните текстови се посочени песните бесовски, односно посочен е фолклорот што се развивал токму во овој крај. Сакам да истакнам дека фолклорот е застапен уште во „Дојди во Охрид”. Значи, тоа е антологиска книга и сите овие книги на извесен начин претставуваат антологии, а тоа значи дека имаме над три илјади антологиски страници за охридското книжевно наследство. Го спомнавме овде и Кирил Прличев и Григор Прличев, бидејќи се наоѓаме во нивниот дом, а токму оваа книга започнува и со Григор Прличев како фолклорист. Тоа е онаа најмалку позната негова дејност. Всушност, на Миладиновци тој им отстапил триесет народни песни и во голема мера се вложил во фолклорот, во анализата на фолклорот. Сакам да истакнам дека Прличев бил одличен македонист и сето тоа е одразено токму во фолклорот. Прличев на извесен начин бил во една постојана полемика и со Кузман Шапкарев, но на македонистичката врвица тие биле меѓусебно сплотени, рече Пандев.
Истакна дека одделни фолклористи не се застапени во оваа книга, но нивното место повеќе е во некои од следните книги, а некои од нив веќе се застапени и во претходните книги.
Се надевам дека ќе имате едно убаво четиво, имајќи предвид дека фолклорот е жив и имајќи предвид дека ова го зборувам пред вас. А кога го зборувам пред вас, сакам да истакнам дека пред педесет години, на едно свое предавање, Харалампије Поленаковиќ, кога ја виде публиката, а публиката беше меѓу другото и охридска, кажа, фолклорот е жив, иако на сите други места кажувал дека фолклорот полека умира. Тоа значи дека публиката е особено важна во интерпретацијата на фолклорот, а овде ќе имаме еден значаен фолклорист меѓу нас, потенцираше Пандев.
Оваа книга, која што зрееше речиси цела минатата година е правена со посебно задоволство и посебна љубов, бидејќи се враќаме на една тема која што го обележа и нашиот македонизам, односно со ова кажувам, се осврнувам кон првиот дел од книгата која што е посветена на неповторливата втора половина од XIX век, каде што нашите преродбеници, преку фолклорните творби коишто неуморно ги собираа и под различни притисоци и од соседни земји и од тогашната империја, ставија темел на идниот развој на современата македонска литература, која што, како што спомна и уредникот после ослободувањето, после 45-та година со забрзани чекори се доближи до светската литература, која што и ден-денес, посебно во последниве две-три децении, доста македонски дела се преведуваат на светските јазици, рече авторот Славе Ѓорѓо Димоски.
Книгата е во два дела. Едниот дел го работеше проф. д-р Пандев, тоа е оној од преродбата, а вториот го работев јас. А вториот дел се однесува на современи македонски фолклористи од Охрид. Започнува со Димче Маленко и завршува со Митко Колјушевски. Меѓу овие двајца има уште неколку, коишто на некој начин оставиле белег во собирање на народно творештво од охридскиот крај и тие нивни збирки се едни гранки надградени на ова што се правело во XIX век. Димче Маленко има една малечка книшка, но доста значајна за охридскиот фолклор, бидејќи тука покрај наведените песни што ги знаеме ние садиловци, тој дава и една своевидна анализа. Во овој втор дел е и еден од најдобрите македонски истражувачи на фолклорот, којшто има едно солидно творештво во пет-шест огромни томови, тој е Марко Китевски, кој во својот работен век несебично се посвети на оваа тема и е еден од најзначајните и изгледа и така ќе остане во втората половина на ХХ век и овие две-три децении на XXI век, рече Ѓорѓо Димоски.
Ги посочи и Митко Колјушевски, којшто во неговите две-три поетски, односно збирки на народни песни повеќе се осврнува на оние песни коишто се денес актуелни, како и Стојан Златаноски кој вели е интересен што во својата книга ги има запишано не само текстовите на песните, туку има и нотни записи, песни што некогаш ги пееле охридските трубадури.
Со овој втор дел, идеjата или смислата на книгата е дека проучувачите и собирачи на народниот фолклор сè уште се меѓу нас, сé уште се живи и со тоа што претставуват или презентираат одличен фонд на народни песни, со тоа го задржуваат и македонскиот јазик, а и низ нив може да се гледа и развој на современиот македонски јазик од преродбата, од кодификацијата и до денеска што имаме и современи нанесени на оваој јазик кој што се развива, односно јазикот е жива материја и тој постојано е во развој, додаде Ѓорѓо Димоски.
Книгата „Охридските фолклористи” зборува за личностите од македонската историја кои оставиле траен белег и наследство за нас Македонците, посочи проф.д-р Велика Серафимоска во својот поглед и анализа, кој во нејзино име го прочита Ања Наумоска, член на КУД „Ѓердан од бисери“.
Тие биле запишувачи, документатори, истражувачи, архивари. Тие биле револуционери, визионери, борци и упорни во својата мисија да го зачуваат она што ние Македонците сме го создале и пренесувале, фолклорното творештво како неприкоснувен сведок на нашиот идентитет. Како фолклорист и вработена во Институтот за фолклор „Марко Цепенков” од Скопје, верувам дека создадовте дело што ќе стане дел не само од библиотеките, туку и од архивите на националните научни институции, каде што ќе послужи како исклучително важен извор за Охрид и неговиот фолклор, потенцираше Серафимоска.
Текстописецот, автор, композитор и музичар Митко Колјушевски кој е застапен во книгата вели дека за да се содаде едно вакво дело или да си застапен во истото е голема чест и поттик за понатамошна работа.
Застапен сум со неколку народни песни од мојата запишувачка дејност. Сега имаме достапност од електронските медиуми и од пишувани книги и литератури кои ги поседувам и дома, се посветив на женскиот лик во македонската народна песна. Првата збирка содржи 148 песни посветени на женското име во македонската народна песна. Втората книга е посветена на македонското девојче како лик во македонската народна песна. Овие две книги се издадени 2002 година и 2005 година, а после 20 години ја издадов и последната книга посветена на мајката насловена „Мамо, мајко, мајчице“ со 147 запишани песни од сите краеви на Македонија, додаде Колјушевски.
Вештите авторски пера на 300 страници пишувале и бележеле важни детали за едно големо време кога преку народната литература, поезија и проза се поставуваат темелите на македонската книжевност, рече во обраќањето секретарот на Општина Охрид Александар Китески.
Нема иднина без минато, народ што не си ги познава корените не може да ја дочека светлината на идниот ден. Ќе се претопи ќе стане дел од некои големци. Затоа овој труд е многу значаен за нас. Во него посветено се работело и образложувало за важноста на нашите приказни, легенди и важноста на нашата историја. Истражувањата за нив станаа наша неопходност, како писменост, традиција и култура, како континуитет на духот. За македонскиот фолклор е пишувано многу и се издадени многу дела. На овој начин колективнито дух на народот добива писмено призната оцена, остануваат имињата на собирачите, издавачите. Во ѓерданот од издадените трудови за фолклористика од денес се вбројува и овој труд како една од најубавите енциклопедии од овој творечки вид, додаде Китески.
Промоцијата на книгата беше во рамки на програмата на Општина Охрид за одбележување на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска