Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот, се наведува во соопштението, од владината прес-служба, во кое се додава дека на средбата биле сите партнери од парламентарното мнозинство. Во соопштението се нагласува дека заеднички е констатирано дека на Северна Македонија и на граѓаните не им се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции.
Коалициските партнери од парламентарното мнозинство се едногласни дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување, се додава во соопштението.
Недвосмислено дадовме поддршка на политиките на Владата, на премиерот Зоран Заев и на цела владина коалиција за продолжување со европската и реформската агенда и немаше ниту еден сомнеж во парламентарното мнозинство од ниту еден учесник на состанокот, изјави генералниот секретар на ДУИ, Артан Груби по координативниот состанок на премиерот Заев со претставниците на коалициските партнери.
Сакам да ве информирам дека сите партнери што учествуваат во Владата беа апсолутно против оставката на премиерот Заев, затоа што сметаме дека таа беше избрзана и дека тој треба да продолжи со предводењето на Владата и спроведувањето на политиките, затоа што тоа го очекуваат граѓаните, додаде Груби, кој е прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
На оваа средба уште еднаш покажавме дека мнозинството е стабилно, дека владејачкото мнозинство треба да продожи, истакна генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа.
Сите се согласивме дека какви било процеси што би воделе кон предвремени парламентарни избори ќе бидат многу проблематични, тешки и за економската ситуација, социјалната и безбедносната во државата. Затоа сите едногласно сме против организирањето на предвремени избори. Беса не се согласува со оставката на Заев, но тоа е личен чин за кој премиерот одлучува, рече Хоџа.
Пред средбата лидерите на ДОМ, ЛДП, НСДП и ДПА изјавија дека остануваат во владејачката коалиција и дека не подржуваат одржување на предвремени избори.
И пред да започне кампањата, кога го формиравме движењето „Одлучно за промени“ кажавме дека сме дел од парламентарното мнозинство и дека мнозинството и Владата се стабилни и не поддржуваме одржување на предвремени парламентарни избори и формирање на ново парламентарно мнозинство бидејќи на Македонија и е потребна стабилност, се соочуваме со енергетска криза и се уште трае ковид пандемијата, изјави пратеничката Маја Морачанин од ДОМ.
Денешната средба следи откако синоќа премиерот Зоран Заев поднесе оставката од премиерската функција и од функцијата лидер на партијата.
OhridNews














