Коалицијата на младински организации СЕГА строго го осудува инцидентот во Гостивар во кој животот го загубија две млади лица од градот, на возраст од 26 и 29 години, кога полицаец по вербалната расправија стрелал во нив со своето службено огнено оружје.

Коалицијата на младински организации СЕГА смета дека лицата кои се во служба на  воспитување на млади луѓе, лица вклучени во образовниот систем, семејството, лицата кои се задолжени за  грижа и за безбедност на младиот човек во Р.Македонија, задолжително треба да служат како пример на младиот човек и да помагаат во спречувањето на насилствата и убиствата, а не да ја злоупотребуваат својата службена  положба за да навредат или да ги повредат младите луѓе или како што е во случајот, да им го одземат животот. Особено загрижува тоа што при вакви вербални и физички напади се почесто се користи огненото оружје како израз на револт и покажување на моќ и сила кон младата популација, која настојува да се снајде во ова општество во транзиција.

Со вакви примери младиот човек само ја губи довербата и вербата во институциите на системот, што е причина за повеќе девијантни појави. Неколку пати сме го  посочиле нашето истражување за младинските трендови во Македонија, направено меѓу 1040 млади во 14 градови од Македонија, на крајот на 2010 година, лошата економска состојба и негрижата на општеството најмногу влијаат на ширењето на девијантните појави (тврдат  дури  33% од испитаниците).
   
Затоа Коалицијата на младински организации СЕГА смета дека крајно време е македонските институции да поведат поголема одговорност кон младите луѓе за нивна заштита и спречување на насилничките елементи, зашто младиот човек е иднината на оваа земја. Токму луѓето во институциите на државата треба да бидат спречувачи, а не предизвикувачи на  девијатното однесување кај младиот човек. А, со оружје во рака тешко дека ќе се решат проблемите  или ќе се спречи насилничкото однесување. Напротив, само може да се разгори. Затоа, кога станува збор за носење на оружје од страна на средношколци, ученици, малолетници и оние кои не се на службена должност, полиција, војска, обезбедување и сл, потребно е казнените одредби за носење и неправилно употребување на огнено оружје да бидат поригорозни, особено кога оружјето (огнено или ладно) се најде во рацете на лица кои незнаат да го контролираат своето однесување.

Така, без оглед што и да е причината и поводот за убиството на двајца млади луѓе, Коалицијата на младински организации СЕГА смета дека ваквите постапки треба строго да се осудат и санкционираат, за да го заштитиме младиот човек, да може слободно да живее и правилно да се развива.

OhridNews