Организираниот криминал предизвикува нестабилност и ја поткопува довербата во државата и во сите нејзини структури. Затоа спречувањето на активностите на организираните криминални групи не е предизвик само за истражните органи, туку и за општеството и за сите институции во целина, рече во обраќањето на работилницата “Разбивање на меѓународни криминални организации и мрежи за трговија со дрога” која се одржува во Охрид, јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Отпорноста кон овој вид сложен криминал бара цврсти релации на меѓународна соработка, ефикасни кривични постапки, но и цврсти законодавни и антикорупциски политики. Без сите овие алки борбата ќе биде залудна, посочи.
Тој се осврна на важноста на истражните центри во јавните обвинителства, на посебните истражни мерки и на искористувањето на новите механизми за меѓународна соработка и канали за размена на информации во постапките за разоткривање на овие криминални мрежи.
Би сакал да ве известам дека донесов одлука и во постапка е веќе регрутирање на истражители за два нови истражни центри кои ќе функционираат во обвинителствата во Битола и во Штип. Покрај оние во Скопје, Тетово, Куманово и во ОЈОГОКК, двата нови истражни центри значително ќе ја зајакнат обвинителската структура и ефикасноста на постапките, рече Коцевски кој се заблагодари за поддршката од САД за опремување на истражните центри.
На состанокот покрај јавните обвинители, учествуваат и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, претставници на Министерството за внатрешни работи и судии од неколку судови.
На дводневната работилница ќе се дискутира за прегледот на организираниот криминал во државава, предизвиците и заканите во активностите за негово сузбивање, американските најдобри практики во борбата против мрежите за трговија со наркотици. Воедно, ќе бидат разгледани конкретни предмети, неопходните реформи и следните чекори за зголемена ефикасност.
Работилницата е во организација на Амбасадата на САД и програмите на американскиот Стејт департмент и на Департментот за правда.
OhridNews