Голем дел од охридските возачи не се доволно запознаени како да го искористат и потполнат европскиот извештај за сообраќајни незгоди, кој се добива при склучувањена полисата за осигурување во осигурителните компании.
Во текот на 2013 година, на подрачјето на општина Охрид се случиле вкупно 64 сообраќајни незгоди, во кои учесниците сами се договориле, односно го искориситиле европскиот извештај.
„Овие учесници во сообраќајните незгоди, претходно незгодата ја пријавиле во полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Охрид, но го искористиле европскиот извештај. Возачите учесници во сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета, се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот, да овозможат непречено одвивање на сообраќајот и да го потполнат и потпишат еворпскиот извештај за сообраќајна незгода.“ – вели м-р Стефан Димоски, портпарол во Секторот за внатрешни работи Охрид.
Дали е потребно сообраќајната незгода да се пријави во полиција?
Во случај да се работи за сообраќајна незгода во која е причинета мала материјална штета, инволвираните лица можат да го искористат европскиот извештај без претходно незгодата да ја пријават во сообраќајната полиција.
„Европскиот извештај учесниците го потполнуваат и го потпишуваат кога се согласни за начинот на која се случила незгодата. Тоа значи практично дека едната страна ја прифаќа својата инволвираност во сообраќајната незгода, односно ја признава причината и она што е случено.“ – додава Димоски.
Кога не важи европскиот извештај?
Полициските службеници се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода, кога во истата има повредени или загинати лица, кога еден од учесниците е под дејство на алкохол или наркотични средства, кога учесниците немаат валидни патни исправи, кога лицето одбива да ги даде личните и податоците за возилото или побегне од лице место, кога едно од возилата има странски регистерски таблички, односно ако тоа го побара еден од учесниците во незгодата.
„Во овие случаи не важи европскиот извештај, туку напротив целата работа ја презема сообраќајната полиција за сите оние постапки кои се именентни за тешки сообраќајни незгоди во кои имаме учесници со тешки телесни повреди или загинати лица. Глоба во износ од 250 евра во денарска противредност ќе му се изрече на возач учесник во сообраќајната незгода, кој постапувал спротивно на одредбата од овој член во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во кој децидно се изнесени членовите.“ – вели Димоски.
Возилата мора да се осигурани и регистрирани
Од осигурителната компанија „Кроација Осигурување“ информираат дека при потполнување на европскиот извештај, возилата мораат да бидат осигурени и регистрирани.
„Многу е важно двете возила да се подвижни после сообраќајната незгода. Иако европскиот извештај се користи во случај кога е предизвикана мала материјална штета, висината и лимитот на истата не се никаде дефинирани.“ – вели Марко Спасески, менаџер за клиенти во Кроација Осигурување.
Во 80 отсто од сообраќајните несреќи се потполнува европскиот извештај
Како што информира Спасески, повеќе од 80 отсто од сообраќајните незгоди се решаваат преку пополнување на европскиот извештај.
„Проблемот е што луѓето не знаат како истиот да го пополнат иако во него се е опишано. Затоа доаѓаат тука и заедно го потполнуваме. Препораките кои се напишани во него, скоро никој не ги чита или почитува. Се препорачува да се фотографира состојбата на возилото и местото на незгодата.“ – додава Спасески.
O.T.