Охридската публика и понатаму во неизвесност кога ќе почне новата театарска сезона на охридскиот Народен театар, која минатата година стартуваше уште на крајот на месец септември.
И покрај најавите дека минатиот викенд охриѓани ќе имаат можност да ја проследат претставата „Сон на летната ноќ“ што премиерно беше изведена на годинешното „Охридско лето“, изведбите беа откажани во последен момент со објаснување дека станува збор за технички проблеми.
Како што појаснува директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцевска,почетокот на новата театарска сезона бил одложен поради бројните обврски на дел од актерите во претставата кои се надворешни соработници.
– Со раководителот на охридскиот Народен театар, Горан Стојаноски, во моментов размислуваме новата сезона да започне со друга претставата од нивниот репертоар, а во меѓувреме да се изнајдат начини за замена на надворешните соработници кои играат во претставата „Сон на летната ноќ“, изјави директорката Боцевска.
Други детали за пролонгирањето на почетокот на новата театарска сезона не се соопштуваат, како и причините поради кои се планира замена на надворешните соработници, кои беа составен дел од речиси секој театарски проект во изминатите две години.
Според директорката на Центарот за култура, новата театарска сезона официјално ќе може да започне на 22- ри ноември од кога, како што рече, охриѓани ќе имаат можност да уживаат во изведбата на охридските актери, за чии претстави минатата година секогаш се бараше карта повеќе.
OhridNews